Гарет ја поздрави храброста на Заев за решавањето на спорот за името

Заменикот министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, денеска се сретна со Амбасадорот на Обединетото Кралство во Република Македонија, Чарлс Гарет, по повод завршувањето на мандатот на британскиот Амбасадор и неговото заминување од Република Македонија, предвидено за почетокот на јули 2018 година.

Двајцата соговорници разменија мислења за најновиот развој на внатрешно-политичките состојби во Република Македонија, како и за реформската агенда, пред се’ во областа на правосудството. Се разговараше и за постигнатиот договор помеѓу премиерите на Република Македонија, Зоран Заев и на Грција, Алексис Ципрас, за надминување на повеќедеценискиот спор, при што Амбасадорот Гарет ја поздрави храброста и лидерството на македонскиот Премиер. Исто така, амбасадорот Гарет, истакна дека британските интереси за стабилен и просперитетен Западен Балкан остануваат непроменети, изразувајќи уверување дека поддршка од Обединетото Кралство за Република Македонија нема да изостане ниту во наредниот период.

За време на средбата, Жерновски се заблагодари за работата и активниот ангажман на британскиот Амбасадор во остварувањето на неговата дипломатска функција во Република Македонија и унапредувањето на односите меѓу двете земји, во изминатите четири години.

Двајцата го поздравија нагорниот тренд на билатералните политички односи, а во тој контекст ја нагласија неодамнешната историска посета на британскиот премиер Тереза Меј, како и заедничката изјава за партнерство и соработка, која министрите Димитров и Данкан ја потпишаа во Лондон. Реализираната посета и потпишаната заедничка изјава претставуваат недвосмислен показател за интересот и поддршката на Обединетото Кралство за Република Македонија и за Регионот, заклучија соговорниците во рамки на средбата.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари