(Галерија) Креативни маски продефилираа на детскиот карневал „Прочка 2018“

Креативност, инвенција, колоритност, со автентичка кореографија, преку 200 ученици од сите училишта во Прилеп, продефилираа во центарот на Прилеп. „Европска Унија, „Маша и Медо“, „Фроузен“, ликови од цртаните филмови, од детските приказни, прекрасни весели танчерки … Забавно, разиграно, весело, со насмевки придружени со добро расположение и од публиката, го ставија сите овие маски печатот на годинешниот детски карневал „Прочка 2018“.

Оценувачката комисија во состав: Хилда Црнеска-претседател и тројца членови: Габриела Шукуроска, Рубин Белчески и Благоја Атанасоски, со задоволство ги следеа перформансите. Имињата на наградените ќе бидат соопштени утре вечер на забавата под маски во хотелот „Липа“ што ќе се одржи во 21 часот.

Вториот ден од карневалски живот на Прилеп, ги воодушеви граѓаните. Градоначалникот Илија Јованоски, упати покана до граѓаните и љубителите на маскенбалите, да присуствуваат и на утрешната забава.

„Вчера избиравме најдобри рачно изработени маски, денеска учениците од училиштата го брануваа со весел дух, животот на градот, презентирајќи ги своите костими, извонредни маски, кои што воодушевија со својата креативност и инвентивност. Утре ги поканувам сите граѓани и посебно љубителите на карневалите, да го следат официјалниот натпреварувачки дел од карневалот во центарот на Прилеп. Забавата ќе ја заокружиме вечерта, со доделување на наградите на најдобрите, најкреативните за година. Верувам дека не очекува неповторлива забава и дружење. Ќе бидеме добри домаќини на нашите гости и од Македонија и од странство“, вети градоначалникот Јованоски.

„Да се биде учесник на овој карневал е гордост, а секој карневал со млади учесници значи дека има иднина. Прилеп одамна е влезен на туристичката мапа на европски карневалски градови, а особено ми е мило што пристигнуваат гости од сите градови и сите сместувачки капацитети се преполни“, изјави Ванчо Ѓорѓиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“.

Утре од 13 часот во центарот на Прилеп ќе се случи главното карневалско дефиле. Попладнето ќе бидат прогласени најдобрите поединечни и групни маски. Вечерта во хотелот „Липа“ ќе се одржи заедничката карневалска забава под маски, на која ќе бидат доделени и дипломите и наградите на најдобрите.

Инаку, „Прочка 2018“ се одржува по 17 пат, во организација на здружението „Прилепски мечкари“ и покровителот на манифестацијата Општина Прилеп.

 

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари