logo
logo
logo

Финансова го „ЧЕШЛА“ Министерство за култура

Vecer | 11.02.2021

Финансова го „ЧЕШЛА“ Министерство за култура

Управата за финансиска полиција го разгледува случајот на Министерството за култура кој произлезе од внатрешната ревизија на институцијата. Директорот на финансиска полиција Арафат Муареми за Радио Слободна Европа изјави дека писмото од министерството за култура до нив е пристигнато, разгледано и дадени се насоки за постапување.

„Јас сакам да ја проверам работата на министерството за култура, затоа што во јавноста имаше бурни реакции и од страна на граѓаните и од страна на Владата. Јас сакам таму една целосна ревизија да направам како Управа за финансиска полиција за работењето на министерството за култура“ вели Муареми во интервјуто за Радио Слободна Европа кое в целост ќе биде објавено в недела.

Инаку, Министерството за култура во периодот од 1 септември 2020 до 31 јануари 2021 година, поради нереализирани проекти и неуредна финансиска документација, раскина договори во вкупен износ од над милион евра, соопшти вчера прес службата. Министерството, како што информираа, спровело внатрешна ревизија по што на владина седница е донесен заклучок да не се исплатат средствата кон другите корисници до завршување на финансиските контроли, а со цел заштита на буџетските средства.

Инспекторите од Финансиската полиција ќе утврдуваат како се трошеле буџетските пари за дел од одобрените проекти за 2020 година, додека министер за култура беше Хисни Исмаили. Сегашната министерка Ирена Стефоска во ноември минатата година изјави дека со внатрешна ревизија е утврдено дека во јуни и јули биле склучувани анекси на договори за зголемување на сумите и биле прифаќани обжалени проекти.

Хисни Исмаили сега е пратеник во Собранието од опозициската Алтернатива.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk