По вчерашниот највисок број (50) починати во 24 часа, министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека има пациенти со многу тешка клиничка слика кај кои терапијата не дава резултати. Болниците се преоптоварени како никогаш од почетокот на епидемијата, рече тој, но дури и сега има слободни кревети и ниеден пациент нема да остане без соодветна лекарска нега.

-Колегите прават се. Има пациенти со многу тешка форма, се лекуваат согласно стандардите, но за жал, и покрај преземените мерки, кај некои лекувањето нема ефект. Има пациенти со клиничка слика и страшни манифестации на белите дробови и крвта какви што пулмолозите и колегите инфектолози досега не виделе. Нема ефект од терапијата и, кога состојбата ќе се влоши, и покрај се што се прави, нивните животи не можат да се спасат, рече Филипче.

Во однос на смртните случаи на млади луѓе, министерот одговори дека и во регионот често има влошување на здравствената состојба кај младите во рок од само неколку часа.

-Болниците се преоптоварени како никогаш досега, но обезбедуваме се што треба секој да добие соодветна здравствена нега и има сосема доволен број болнички кревети,  дури и сега, изјави Филипче при посетата на СЦ „Борис Трајковски“ каде што задутре ќе почне масовна имунизација.

На прашањето зошто масовното вакцинирање не почна уште овој викенд, тој одговори дека му пристапуваат внимателно на процесот, затоа е и денешната симулација за текот и координацијата, но дека кога ќе профункционира, вакцинирањето во салата ќе се одвива седум дена неделно, а термините дневно ќе се зголемуваат како што ќе пристигнуваат нови количини вакцини.

-Битно е да се постави системот, за кога ќе тргне, проблемите да се минимизираат, додаде Филипче.

Соопшти дека овој месец ги очекуваме и останатите дози вакцини и секоја количина, рече, точно ќе се знае каде ќе оди. За вакцините на „Астра Зенека“ се чека официјална одлука од Бордот на ЕМА. Засега се аплицира само кај постари граѓани и досега официјално не е пријавен ниту еден несакан ефект, исто како и од другите вакцини што се даваат. Единствен проблематичен случај е со 28-годишната девојка кај која се појавила тромбоза на вена на окото по примањето на „Астра Зенака“.

Одговарајќи на прашање за барањето оставка од него од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која и денеска организира протест пред Министетството за здравство, Филипче апелираше да бидат конструктивни.

– Ние даваме се од себе. Ако не помагаат, барем да не одмагаат, рече Филипче.