Министерот за здравство Венко Филипче, ја повикува опозицијата во Собранието да ги повлече 2000 амандмани со кои е блокиран Законот за изградба на нов Универзитетски Клинички Центар.

„ Во повеќе наврати досега и за време на собраниските комисии и на седниците за пратенички прашања Филипче и Владата и понудија на опозицијата собраниска комисија којашто ќе ја водат опозициски пратеници и ќе го контролираат процесот на градење, изведба и секој аспект од проектот за Клинички центар. Министерството за здравство ќе биде отстрана, и ќе ѝ биде поддршка на опозицијата. Целата постапка за новиот Клинички центар е јавна и транспарентна, доколку опозицијата не ги прифати овие предлози ќе биде јасно дека воопшто не станува збор за нивна недоверба или желба за унапредување на проектот, туку едноставно стратегија за блокади и некоструктивност која веќе предолго трае“, смета Филипче.

Процесот за изградба на Клинички центар почна пред 2 години, втората фаза се одолговлечи поради ковид кризата. Процесот започна со таканаречен конкурентен дијалог, аплицираа 5 компании, за втората фаза останаа 2 – германската „Vamed“ и француската „Bouygues construction“, едната која има искуство во градежниот дел, а втората искуство во менаџирањето и опремувањето на болниците.

Од Министерсството за здравство велат дека законот треба да ја регулира идејата двете компании да имаат можност, да дадат една единствена понуда, а независен финансиски ревизор да каже дали е таа соодветна, бидејќи, како што се наведува, ќе биде една понуда мора да се контролира цената.

Филипче им порача на пратениците од опозицијата дека поддршката на Законот за нов Клинички центар ќе покаже дека партиите можат заедно да направат нешто што е од голема важност за граѓаните и нивното здравје.

makfax.com.mk