Министерот за здравство Венко Филипче денеска оствари средба со поранешни министри за здравство, а на средбата разговараа околу поректот за изградаба на нов Клинички Центар.

На состанокот беа споделени искуства, сознанија, перспективи, предизвици со коишто секој во својт дел од мандатот се соочувал. Заеднички став на сите е дека прашањето околу изградбата на Клинички центар, долг период се одолговлекува, односно се разговара веќе над 20 години.

Филипче истакна дека граѓаните заслужуваат конечно тоа прашање да се реши.

„Конечно тоа прашање треба да се затвори, да тргнеме по патот на градење на нов Клинички центар. На средбата постигнавме на некој начин и консензус по тоа прашање, дека секое друго решение освен нов Клинички Центар на ново место како greenfield инвестиција е парцијално решение и дека само такво решение нуди нов тип на здравствена услуга. Тоа се нуди насекаде во развиениот свет, Западна Европа, САД, во сите други развиени земји во светот, а тоа е интегриран тип на здравствена услуга. Ние можеме да разговараме и за други парцијални решенија, меѓутоа сето тоа нема да биде суштинска промена во здравствениот систем во нашата земја“, рече министерот.

Филипле потенцираше дека опозицијата нема право да ја скрати можноста на граѓаните да добијат нов Клинички и истакна дека е важно да се вклучат во овој, како што кажа, значаен процес и да го одблокираат Законот во Собранието.

„Сметам дека однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање е навистина некоректно, немаат право да ја кратат можноста граѓаните да добијат нов Клинички центар. Не кажувам дека не можеме да разговараме за друга алтернатива, меѓутоа отсуство на дискусија, блокирање на закон со 2.000 амандмани коишто не се конструктивни е нешто што сметам дека е навистина неоправдано и дека е злоупотреба на некој начин на политичката позиција. Дали тоа ќе биде на Комисијата за здравство во Собранието или на јавна дебата којашто на крајот од месецот ќе ја организираме во Собранието на која ќе учествуваат сите чинители кои треба да дадат коментар по ова прашање. Сепак, сметам дека граѓаните заслужуваат да ги знаат фактите што е тоа што се предвидува да има во новиот Клинички центар, што е тоа што е предвидено да има за таа сума на средства“, рече министерот за здравство.

makfax.com.mk