Скоро се готови протоколите за работа на училиштата од септември. Има уште некои технички детали кои ги работат во работната група во која членуваат претставници на МОН и наши епидемилози, претставници од Комисијата за заразни болести. Се планира децата да бидат присутни 100 проценти во училиштата, изјави министерот за Здравство Венко Филипче.

Според него протоколите опфаќаат мерки за дезинфекција, мерки на внимателност при влез и излез, нема да има мешање на различни класови.

– За неполни две недели целосно ќе бидат готови протоколите, а веднаш кога ќе започне имунизацијата со големата бројка вакцини кои доаѓаат викендов, продолжуваме со вакцинација на наставничките и наставниците. Од вкупно 30 илјади наставници, околу 10 илјади веќе се вакцинирани, тоа се оние наставнички кои работеа со физичко присуство, рече Филипче.

Филипче посочи дека во наредниот период, кога ќе пристигнат значителни количини од вакцините против ковид-19 ќе бидат вакцинирани сите просветни работници.

– Засега се вакцинираа само оние кои наставата ја држеа со физичко присуство, околу 10.000, останатите 20.000 треба да се вакцинираат во наредниве месеци, рече Филипче