logo
logo
logo

Европската интеграција на Македонија во фокусот на средбата Заев - Радев

Vecer | 14.06.2021

Европската интеграција на Македонија во фокусот на средбата Заев - Радев

Перспективата за постигнување на реален исчекор во процесот на европската интеграција на Република Северна Македонија, била во фокусот на денешната средба на премиерот Зоран Заев и претседателот на Бугарија Румен Радев на завршницата на Самитот на НАТО во Брисел.

На средбата е договорена посета на премиерот Заев на Софија, која е предвидена да се случи оваа недела.

Како што се наведува во соопштението од владината прес-служба, бугарскиот претседател Радев ја подвлече принципиелната и континуирана поддршка за иднината на Република Северна Македонија во ЕУ, како и очекувањето на Бугарија за непосреден и активен политички дијалог низ кои ќе бидат разрешени отворените прашања во меѓусебните односи.

-И Румен Радев и Зоран Заев го истакнаа позитивниот знак во односите меѓу двете земји, што шефовите на државите на Република Бугарија и на Република Северна Македонија го постигнаа со нивната заедничка посета во мај на Рим и Ватикан, за да им оддадат почит на светите браќа Кирил и Методиј, се посочува во соопштението.

На средбата, како што се наведува, е истакната и заедничката волја за постигнување одржливи резултати во градењето добрососедски односи меѓу Бугарија и  Северна Македонија, за исполнување на очекувањата на граѓаните во двете земји.

Билатералното партнерство во областа на безбедноста и одбраната, и можноста за проширување на соработката во областа на воената обука и размената на кадети меѓу двете земји, беше исто така дел од темите за кои во Брисел разговарале премиерот Заев и бугарскиот ретседател Радев.

На средбата присуствувале и заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, како и министерот за одбрана на Република Бугарија, се вели во соопштението на Владата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk