logo
logo
logo

Еве колку се поскапувањата на основните продукти, ПОСКАПЕНО Е И ДО 39%

Vecer | 04.03.2023

Еве колку се поскапувањата на основните продукти, ПОСКАПЕНО Е И ДО 39%

Цените на храната не се намалуваат и покрај сите мерки на Владата за заштита на животниот стандард на населението. Граѓаните реагираат дека со секое одење во продавница се соочуваат со поскапи животни намирници. Сепак, Државниот завод за статистика евидентирал стабилизирање на цените во јануари во однос на декември и дури незначително намалување од 0,1 процент.

Но, ако се гледа растот на трошоците на годишно ниво, состојбата е сосема поинаква. Во јануари годинава трошоците за храна и безалкохолни пијалaци се за дури 25,1 процент повисоки отколку во јануари 2022 година. Ако кон ова се додаде фактот дека и лани имавме висока инфлација, при што растот на трошоците за храна и безалкохолни пијалaци во јануари 2022 година бил за 9,2 проценти повисок во однос на јануари 2021 година, јасно е дека сега треба да се издвојуваат многу повеќе пари од порано, пишува порталот Пари.

Врз основа на податоците за инфлација од Државниот завод за статистика, Пари пресмета дека она што можело да се купи за 1.000 денари во јануари 2021 година, во јануари 2022 година чинело 1.092 денари, а веќе денес тие 1.092 денари станале трошок од 1.366 денари.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во јануари најголем годишен раст, од 39,1 процент, има кај лебот и житата, па потоа се млекото, сирењето и јајцата, со 36,2 проценти, и на трето место е месото, со 28,3 проценти. И сите останати ставки се зголемени и тоа со двоцифрена инфлација, па зголемувањето на трошокот за масла и масти изнесува 18,4 проценти, потоа за кафе, чај и какао 17,3 проценти, за шеќер, џем и чоколадо треба да се издвојат 17,2 проценти повеќе пари, за рибата и морските плодови 14,4 проценти…

Македонија е земја со отворена економија и многу прехранбени производи се увезуваат, па и инфлацијата за нив е увезена. Со цел да се спречат злоупотребите од трговците од „надување“ на цените, Владата до 30 април годинава ги ограничи маржите на основните прехранбени продукти. Маржа од 5 % во трговија на големо и 5 % во трговија на мало има за: леб бел (сечен на парчиња или цел), шеќер бел и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло).

По најмногу 10 % маржа во трговија на големо и на мало има за: брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8 %, 3,2 % и 3,5 %, јајца од кокошка, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт.

 

 

 

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk