logo
logo
logo

Еве кога ќе бидат ревакцинирани Македонците кои првата доза „АстраЗенека“ ја примија во Србија

Vecer | 18.05.2021

Еве кога ќе бидат ревакцинирани Македонците кои првата доза „АстраЗенека“ ја примија во Србија

На дилемите кои ги мачат околу 15.000 Македонци кои спасот за вакцинација го побараа во Србија заради задоцнетата набавка од страна на Владата, порталот Фактор побара одговор од Министерството за здравство од каде што им беше посочено дека во текот на оваа недела сите работи околу термините за ревакцинација со АстраЗенека ќе бидат конкретизирани, но само за граѓаните над 60 години.

-Граѓаните кои ја примија првата доза од вакцината Астра Зенека во Србија, имаат обезбедено и термин за ревакцинација. Секоја држава при вакцинација со првата доза, обезбедува и термин за ревакцинација. Помладите граѓани од 60 години нема да може да се вакцинираат со Астра Зенека кај нас, поради одлуката во која оваа вакцина во нашата држава се аплицира исклучиво на лица постари од 60 години, подочуваат од Министерството за здравство за Фактор.

Во однос на тоа каде ќе го добијат сертификатот по целосно вакцинирање, односно по примени две дози, од Министерството за здравство велат дека без разлика што граѓаните со првата доза се вакцинирале во Србија, ако тука бидат ревакцинирани, овој документ ќе им биде издаден во Македонија. Останатите кои вакцинацијата ќе ја завршат во Србија, таму ќе им биде издаден сертификатот.

-Сертификат за уредно извршена вакцинација издава државата во која се примени двете дози од било која вакцина. Сертификатот за уредно извршена вакцинација кој го издава нашето Министерство за здравство е прилагоден на препораките на ЕУ за непречено патување на нашите граѓани, истакнуваат од Министерството за здравство.

Од Министерството за здравство не одговорија дали на граѓаните кои се помлади од 60 години, а кои во март се вакцинираа со АстраЗенека ќе им биде понудена друга вакцина, но и да е така, дел од оние кои се вакцинираа во Србија за Фактор велат дека дефинитивно и втората доза ќе ја примаат во Србија, бидејќи не сакаат „коктел“.

-Можеби постојат некои клинички истражувања за мешање на вакцините, прва доза со една вакцина, втора доза со друга, но до сега не сме слушнале искуство од ниту една држава дека тоа се прави при имунизацијата на населението против Ковид-19. И да биде тука понудена друга вакцина, нема да прифатиме. Имаме термин за ревакцинација на 20.јуни во Ниш, па повторно ќе одиме во Србија, велат дел од граѓаните со кои разговараше Фактор.

Од страна на Министерството за здравство останува неодговорено и прашањето дали студентите од Македонија кои моментално се на студии во некои од европските земји, а кои во овој период ја примиле првата доза од Фајзер, ќе бидат ревакцинирани тука со таа вакцина, поради тоа што планираат да се вратат во земјава, зошто завршиле со испитите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk