Изградбата на новите висококатници на паркингот кај Холидеј по се изгледа ќе стане реалност, и покрај реакциите на граѓаните.

Откако не се најде механизам и мораториумот на Општина Центар беше укинат од Уставниот суд, да се спречи изградбата, сега проектот доби и презентација за јавноста.

Изгледот на зградите кај хотелот „Холидеј Ин” за прв пат беше презентиран преку фотографија во „Топ Тема” на Телма.

Aрхитектот Мартин Пановски вели дека за во зградата се планирани 400 станови, во кои би требало да живеат до 1.300 луѓе.

Инаку деновиве се шири петиција против изградбата која за само еден ден ја потпишаа околу 5.000 граѓани.

„НЕ“ за изградба на нехумано голем објект на паркингот пред хотел Холидеј Ин – се порачува во петицијата во којашто се наведува дека „бетонски чудовишта ќе се градат на 83.000 квадрати“.

Градоначалникот на Општина Центар, пак на онлајн состанок со Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ја нагласил потребата од зголемен степен на соработка со останатите институции, поголема флексибилност и поголема ефикасност во спроведувањето на предметите и  побарал и поддршка од ДКСК, од останатите надлежни институции за постапување, но и од јавноста за Уставниот суд повторно да ја стави на разгледување последната одлука за укинување на мораториумот во Општина Центар.