Состојбата со поткопаната брана на Слатинско Езеро и натаму сериозна

Евакуирани четворицата жители на Слатински Чифлик

Се работи за повозрасни луѓе, едно семејство од татко мајка и 45-годишен син и еден старец кој живеел сам, но сите тие се во одлична кондиција и здрави, што во моментов е најважно. Одлучивме да ги евакуираме поради тоа што нивните куќи се на два километри од браната и се на директен удар, изјави за ВЕЧЕР од самото место во телефонскиот разговор Митко Темелковски, раководител на охридската дирекција на ЦУК

Четворицата жители на Слатински Чифлик, чии куќи се наоѓаат во близина на оштетената брана на Слатинско Езеро, се евакуирани кај нивните соседи во повисокиот дел на селото. Тие се безбедни но исплашени од неизвесноста дали браната ќе издржи или ќе попушти и водата ќе го проголта сето она што со децении го граделе.
- Се работи за повозрасни луѓе, едно семејство од татко мајка и 45-годишен син и еден старец кој живеел сам, но сите тие се во одлична кондиција и здрави што во моментов е најважно. Се разбира, ние одлучивме да ги евакуираме поради тоа што нивните куќи се на два километри од браната и се на директен удар, изјави за ВЕЧЕР од самото место во телефонскиот разговор Митко Темелковски, раководител на охридската дирекција на Центарот за управување. Тој потврди дека во изминативе два дена и сопствениците на останатите петнаесетина куќи кои не живеат постојано во селото доаѓаат да ја видат состојбата со нивниот имот и да го заштитат колку што можат. Темелковски ги демантираше информациите дека состојбата се влошува од час во час и дека во насипот е отворена уште една пукнатина која е можно уште повеќе да се прошири и набргу да го поплави цело село.
- Сликата на теренот е иста како и вчера. Она што во овој момент се прави е регулација на водата преку одводните канали. Се испуштаат поголеми количества вода, бидејќи оштетувањата се сериозни и можно е да дојде и до нагло излевање. Нашите екипи се на терен и постојано го следат развојот на настаните. Се разбира, состојбата е под контрола и покрај тоа што од поткопаниот насип и натаму се излеваат до два кубици вода, ни рече Темелковски. Тој потврди дека засега нема нема услови за никакви интервенции врз насипот, но дека санирањето и кога ќе почне ќе биде долготрајно.

Според жителите на Слатински Чифлик излевањето на водата почнало во сабота попладне, а како причина, се посочуваат обилните врнежи.
Вештачката акумулација е направена во 1963 година и досега браната неколкупати била санирана. Земјениот насип е висок 22 метри, а долг 50 метри. Во езерото има 1,7 милион кубни метри вода, а е длабоко 9 метри.

(Е.А.)


Поврзани

Најнови вести

Коментари