ЕК бара отчет од министрите до 17 октомври

ЕУ: А сега да видиме што сте сработиле!

Европската комисија побара од сите министри да дадат отчет што сработиле во изминатите месеци откако се ставени на позиција. Врз основа на нивните одговори ќе се составува најновиот извештај за напредокот на земјата. Барањето од Комисијата било добиено на 28 септември, во кое меѓудругото е наведен и рок до кој министрите треба да направат мини прашалник за сработеното.

- Министрите беа информирани дека е добиено писмо со препораки за постапување по однос на мини прашалник за секое министерство одделно што треба да послужи како информативен материјал за формирање на најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава во процесот на остварување на целта, враќање на препораката за отпочнување на преговорите со Европската Унија, информираше владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Тој посочи дека и во минатото ваквите мини прашалници биле редовни, а последниот сме го имале во 2005 година.

- Во моментов ова не е обврска само за нас, туку за сите земји од Западен Балкан. Мини скринингот за работата на Владата треба да биде завршен до 17 октомври. Одговорите од него треба да послужат како информативен материјал за формирање на најновиот извештај на ЕК за напредокот на Република Македонија, појасни Бошњаковски.

На владината седница одржана во вторникот е донесена одлука сите министерства да достават информации за нивните правилници и практики за исплати на надоместок за дополнителна и прекувремена работа на службениците во министерствата ангажирани во совети и во комисии.

Целта е да се утврди фактичката состојба во кое министерство како тече постапката, кој правилници им се на сила и што добиваат вработените врз основа на правилниците.

- Оваа информација треба да послужи како основа за утврдување на принципите и да се направи анализа што, како и зошто е моментална пракса, да се утврдат сите недоследности, ако постојат, и да се делува превентивно за спречување на одредени ситуации кои во јавноста се окарактеризирани како негативни појави, рече Бошњаковски и додаде дека по направената анализа ќе се преземат дополнителни чекори.

Владата, исто така ја разгледала и препораката за партиципација во трошоците за згрижување, воспитание, одмор и рекреација на деца во јавните установи за деца.

- Одлуката за партиципација се однесува на самохрани родители кои имаат примања под просечната плата. Ова е препорака и во моментов Министерството за труд и социјална политика прави сондажа на состојбите. Доколку е возможно, мерката би требало да биде воведена веднаш по завршувањето на анализата, посочи Бошњаковски и додаде дека зависно од одлуката самохраните родители ќе добијат одредени попусти или целосно ќе бидат ослободени од плаќање на надоместокот за градинка.

Поврзани

Најнови вести

Коментари