ЕЛЕГАНТНОТО ОДЕЛО НЕ ГО КОНТРОЛИРА СЛОБОДНИОТ, СПОРТСКИ ДУХ НА ИЗРАЕЛСКИОТ АМБАСАДОР ВО МАКЕДОНИЈА, ДАН ОРИЈАН

Еластична дипломатија - ред состанок, ред акробација!

Амабасадорот Оријан веќе три години е нерезидентен амбасадор во Република Македонија и се труди секој месец да доаѓа во земјава. Вели дека Македонија е многу убава земја, посебна и има многу што да се види и да се истражи. Ја потенцираше гостопримливоста на македонскиот народ, го сака Охрид, езерото и стариот град, а импресиониран е од уникатната природа на Битола, со Хераклеја и со космополитскиот дух од минатото. Преспанското Езеро е посебно за амбасадорот, а и планините се одлично место за одмор

Фото: Ѕ. Плавевски

Елегантното одело кое го налага неговата дипломатска професија никогаш не е пречка за слободниот, ентузијастички и спортски дух што го има израелскиот амбасадор во Македонија, Дан Оријан да исплива на површина. Така беше и овој пат за објективот на "Вечер". Тој го привлекува вниманието на јавноста со уникатниот начин на кој се релаксира за време на паузите помеѓу напорните состаноци. За него нема ограничување во секое време и на секоја локација да си ја врати потрошената енергија изведувајќи гимнастичарски акробации. Вели дека тоа ја подобрува неговата концентрација и дека без сомнение, прави да се чувствува подобро и затоа неретко примамува љубопитни и зачудени погледи додека ги изведува неговите омилени шпаги, стој на раце и колут напред во центарот на градот.

Физичката подготвеност не е дел од квалификациите за дипломатската професија, но начинот на кој амбасадорот Оријан ја поврзува состојбата на телото со состојбата на умот, сугерира на тоа дека како тој, така и неговите колеги дипломати мора да бидат "еластични" во пристапот.

Амбасадорот Оријан вежбал гимнастика од 10 години, но бил единствен гимнастичар на таа возраст во Ерусалим и немал можност за доградба во тој период. Ја искористил можност и студирал на Вингет институтот за тренери за гимнастика веднаш по неговата армиска служба. Не практикувал боречки вештини, само гимнастика и кошарка.

Секој ден оди во теретана, но за вистинска гимнастика одвојува време само еднаш месечно... Добива препораки да се посвети повеќе на пливањето и кошарката, но не сака да се откаже од задоволството кое му го даваат гимнастичките акробации. На почетокот, неговите претпоставени не биле задоволни од неговите паузи меѓу состаноците со гимнастички вежби, но подоцна, откако увиделе дека има позитивни реакции, немале забелешки.

Оријан веќе три години е нерезидентен амбасадор во Република Македонија и се труди секој месец да доаѓа во земјава. Вели дека Македонија е многу убава земја, посебна и има многу што да се види и да се истражи. Ја потенцираше гостопримливоста на македонскиот народ.

- Го сакам Охрид, езерото и стариот град. Секогаш сум импресиониран од уникатната природа на Битола, со Хераклеја и со космополитскиот дух од минатото, и бидејќи сум свесен за посебното минато и за приказната за еврејската заедница која беше мошне уникатна и целосно исчезна од Битола, се чувствувам одговорно да создавам обединување. Често го посетувам Битола и сум горд што сум дел од здружението за чистење и претворање на старите еврејски гробишта во парк за живите. За мене Преспанското Езеро е посебно, а и планините се одлично место за одмор, вели амбасадорот Оријан.

Се надева дека наскоро заедно со сопругата и децата ќе дојде во Македонија, затоа што неговата сопруга го придружувала само при првото негово доаѓање кога амбасадорот ги предаде акредитивите на претседателот на државата.

Кога тато ќе порасне...

Амбасадорот Оријан исто така е и писател. Има напишано илустрирана книга за деца со наслов "Кога тато ќе порасне" која е промовирана на 9 јазици, меѓу кои и на македонски, албански, па дури и на арапски јазик, што му е особено драго. Амбасадорот ја презентираше книгата во Битола за време на оваа негова посета во земјава.

- Знаев дека сакам да бидам писател уште од многу рана возраст. Се надевав дека ќе имам сериозна книга, но морав да направам компромис со илустрирана книга за деца. Се радувам што илустрациите ги направи Александар Попоски од Битола, рече Оријан.

По набиената агенда што ја имаше во земјава, амбасадорот замина за Израел, за заедно со семејството и најблиските викендов да го прослави еврејскиот празник Јом Кипур. Тоа е важен ден за еврејската заедница. На овој празник, според нивната традиција, се одлучува за иднината на секој поединец во следната година. Верниците бараат прошка од оние на кои можеби им згрешиле во текот на годината. Повеќето Евреи на овој празник не јадат и не пијат ништо, дури ни вода, размислуваат и прават ретроспектива за своите постапки изминатата година.

Од следната година директен лет Скопје-Тел Авив

Од архивата на амбасадорот, фото: Сломи Амсалем

Македонија и Израел воспоставија дипломатски односи во 1995 година. Но колку е унапредена билатералната соработка изминатите две децении? Амбасадорот со став дека нашите земји имаат многу блиски и пријателски односи веќе 20 години.

- Работиме заедно на многу полиња, се обидувам да дадам удел во унапредувањето на економските врски и на културната и академската соработка. Се прави голем напор за справување со еврејското наследство, изјави Оријан.

Минатиот месец и премиерот Заев го посети Израел и имаше неколку состаноци на кои присуствуваше и амбасадорот Оријан, кој оваа посета ја оценува како важен момент во односите меѓу двете земји. Смета дека оваа посета беше можност за лидерите на двете земји да разговараат едни со други и да разменуваат ставови и идеи, но исто така и можност да се запознае македонската страна со израелските старт-ап компании, да ги посети музејот на холокаустот (Ѕад васхем), стариот град и слично... Посетата била можност и израелските бизнисмени да се запознаат со можностите за инвестирање во Македонија и да стапат во директен контакт со претставници од земјава.

Пред две години Македонија и Израел потпишаа Декларација за пријателство меѓу Република Македонија и Државата Израел, како и Договор за избегнување на двојното оданочување и Договорот за промоција и заштита на инвестициите, документи за интензивирање и стимулирање на економските соработка меѓу двете земји.

Амбасадорот истакнува дека нивото на економска соработка се уште е далеку од она што би сакал да го види, но има добри почетоци.

- Последните две години и внатрешната криза, без сомнение, ја стагнираа економската соработка. Многу бизнисмени не сакаа да инвестираат, бидејќи немаше стабилност. Сега со нова влада постои надеж за промена. 90 бизнисмени дојдоа да го слушнат премиерот на Македонија во Ерусалим, и многумина изразија интерес да дојдат во Македонија наскоро за заеднички да ги поттурнат економските односи. Ние сме големи оптимисти и очекуваме наскоро воспоставување директни летови помеѓу двете земји, што ќе ја промени ситуацијата на многу позитивен начин, изјави Оријан.

Директниот лет Скопје-Тел Авив беше тема за која се разговара подолго време. Амбасадорот очекува дека следната година кога се одбележува 70 години од независноста на Израел и 75 години од депортацијата на Евреите од Македонија, ќе биде промовиран овој директен лет, во насока на изградба на уште еден мост меѓу двете земји. Во моментов, се реализираат само чартер-летови од Тел Авив до Охрид три пати неделно во текот на летото, со кои голем број туристи од Израел веќе ја посетија Македонија.

Во однос на политичката ситуација во земјава по политичката криза која траеше повеќе од две години, амбасадорот е оптимист дека локалните избори ќе донесат добри градоначалници. Се надева дека Македонија ќе ужива во мир и просперитет и убеден е дека уште многу може да се направи во унапредување на односите меѓу Македонија и Израел.

Виолета СТОИМЕНОВА НАУМОСКА

Поврзани

Најнови вести

Коментари