ЕК ќе го објави извештајот за напредокот на Македонија, власта очекува чиста препорака

Европската комисија ќе го објави извештајот за напредокот на Македонија. Властите очекуваат земјата да добие безусловна препорака за членство во Европската Унија.

„Македонија навистина заслужува кристално чиста препорака и верувам дека ќе ја добиеме. Важен ни е вордингот или зборовите во таа препорака, заради тоа што тоа е за нас или охрабрување или обесхрабрување, но не само за нас, важно е за граѓаните. Важно е за сите вклучени во реформските процеси. По оваа препорака, Македонија продолжува со реформите“, рече вчера премиерот Зоран Заев.

И навистина, додаде тој, ако биде потврдено тоа што е сработено и добиеме кристално чиста препорака, тоа ќе биде дополнителна мотивација да продолжиме понатаму со реформите.

Вчера, исто така, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, му го предаде на евроамбасадорот Самуел Жбогар финалниот фактографски извештај за реализација и имплементација на реформите од планот 3-6-9.

„Реализиравме преку 90% од предвидените реформи во планот 3-6-9 и 100% од неговата суштина. Планот ја постигна својата цел и ја врати земјата на евро-атланскиот пат“, истакна Османи при предавањето на извештајот на евроамбасадорот Жбогар.

Тој додаде дека согласно со испорачаните резултати, очекува убави вести денеска од Брисел за Македонија, при претставувањето на извештајот на Европската комисија за земјава.

Планот 3-6-9 беше усвоен во јули минатата година, по изгласувањето на новата Влада, чија цел беше одмрзнување на реформскиот процес во Република Македонија и враќање на државата на евро-атланскиот пат.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари