Двајца скопјани треба да платат по 2.000 евра поради непочитување на полицискиот час.

Основното јавно обвинителство Скопје информира дека поднело предлози за издавање казнени налози против две лица заради сторено кривично дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик“.

Обвинетите, во два одвоени кривично-правни настани, биле затекнати при непочитување на важечкиот полициски час, определен како мерка за сузбивање на опасна заразна болест. Без да поседуваат дозвола за тоа, тие се движеле на различни локации во градот, при што биле затекнати од овластени службени лица.

Основното јавно обвинителство Скопје на Основниот кривичен суд Скопје му предложи за двајцата обвинети да изрече парични казни од по 100 дневни глоби, а поединечната висина на дневната глоба да биде определена на износ од 20 евра во денарска противвредност (2.000 евра).