logo
logo
logo

Државата плаќа 9.500 евра годишно за секој ЗАТВОРЕНИК

Vecer | 22.05.2021

Државата плаќа 9.500 евра годишно за секој ЗАТВОРЕНИК

Според податоците од Управата за извршување на санкции до кои дојде МИА, вкупната сума што се издвојува за сите казнено-поправни установи и воспитно-поправниот дом Тетово во земјава изнесува 1.119.634.000 денари или 18,2 милиони евра.

Од нив, половина се наменети за затворска полиција и затворските службеници 555.675.000 денари, а околу 18 проценти или 199.500.000 денари за подобрување на условите во затворите.

Во 2020 година во затворите низ земјава имало вкупно 1.901 затвореник или пополнети биле 89 проценти од вкупниот капацитет на затворите, кој што, според податоците од Управата за извршување на санкции е 2.113 лица – со тоа што за секое лице просечно да има најмалку 4 метри квадратни или девет метри кубни простор.

Според тоа, државата годишно секој затвореник во просек ја чини 588 илјади денари или 9.500 евра.

Вкупниот капацитет на сите затвори низ државата во 2020 година не бил целосно искористен, пренатрупаност има во три затвори, и тоа во Затвор Штип, каде биле сместени 225 лица или 161 процент од неговиот капацитет од 139 лица, потоа Затвор Тетово, кој има капацитет за 48 затвореници, а биле сместени 70 лица или 145 проценти, и Затвор Прилеп, со пополнетост од 102 проценти на неговиот капацитет од вкупно 108 затвореници, а биле сместени 111 затвореници.

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=PI9aipmBge4[/embed]

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права за МИА велат дека иако во изминатиот период се нотирани некои напредувања во казнено-поправните установи, најмногу во поглед на подобрување на материјалните услови, сепак пенитенцијарниот систем се уште се соочува со големи проблеми и предизвици.

„Особено во поглед на материјалните услови, здравствената заштита, образованието и ресоцијализацијата на осудените лица. Дополнително, осудените лица често поднесуваат претставки до Хелсиншкиот комитет за примена на прекумерна сила од страна на службените лица во казнено-поправните установи – припадници на затворската полиција, за што е потребно зајакнување на ефикасноста и ефективноста на надворешниот механизам за гонење на сите случаи на тортура и нечовечко однесување“, велат од комитетот.

Затворската популација во земјава во последните неколку години има тренд на намалување, на ниво на државата, сепак, проблемот со пренатрупаноста во затворите во Штип и Тетово се повторува.

Вкупниот број на затвореници во 2017 година изнесувал 2.763 лица, што е 130 проценти во вкупниот капацитет на затворите. Таа бројка е во постојан пад и од 92 проценти пополнетост во 2018 и 91 процент во 2019 година, се намалува на 1.901 затвореник или пополнетост од 89 проценти во 2020 година.

Затворот во Штип има капацитет за 139 затвореници, но постојано се соочува со пренатрупаност па таму има 225 затвореници или 161 процент пополнетост во 2020 година.

Затворот во Тетово, исто така, се соочува со пренатрупаност. Иако со капацитет за 48 затвореници, во него во 2020 година биле сместени 70 затвореници, што е пополнетост од 145 проценти. Тоа е раст во споредба со 2019 година, кога има пополнетост од 137 проценти и имал 66 затвореници.

Најмала искористеност на капацитетите во 2020 година имаат затворите во Охрид – пополнетост од само 14 проценти, Гевгелија – 57 проценти и Струга и Куманово со по 76 проценти искористеност.

Македонија има 105 затвореници на 100 илјади жители, Црна Гора – 172, Хрватска – 84

Според податоците од (Worlds Prison Brief) на лондонскиот Институт за истражување на криминал и политика за правда – ИЦПР, Македонија во 2020 година имала 2.175 затвореници, вклучително лица во притвор, или 105 затвореници на 100.000 жители. Од нив 3,3 проценти се жени, 0,1 процент малолетници, а 6,5 отсто странски државјани.

Во земјите од регионот најмногу затвореници на 100.000 жители имаат Црна Гора – 172, Албанија – 164 и Србија – 158. Потоа следат, Бугарија – 109, Грција – 107, Македонија – 105, Косово – 103 и Хрватска со 84 затвореници на 100 илјади жители.

Во Европа најмногу затвореници на 100 илјади жители имаат Белорусија – 345, Турција – 335 и Русија – 330, додека најмалку затворници на 100 илјади жители имаат Германија – 69, Финска – 53, Норвешка – 49 и Исланд – 33.

Ова се 15-те НАЈЧИТАНИ ПОРТАЛИ ВО МАКЕДОНИЈА! Тие се јавното мислење

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk