Државата ќе го врати долгот кон стопанството, ќе ги зголеми пензиите и инвестициите

Премиерот Груевски е оптимист и вели дека до крајот на ноември половина од долгот ќе биде вратен, а крајната цел е до крајот на февруари проблемот целосно да биде елиминиран. Премиерот најави дека Владата ќе го реализира ветувањето за зголемување на пензиите и социјалната помош за 5 отсто почнувајќи од март 2013

ГРУЕВСКИ СО ТЕМЕЛНО ОБРАЌАЊЕ ЗА "ЕКОНОМСКИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ ВО 2013 ГОДИНА"

Доцнењето на државата по основ на повратот на ДДВ и плаќањето на фактурите кон стопанството од денеска постепено ќе се намалуваат со цел до крајот на февруари 2013 година овој проблем целосно да се надмине.

Ова го нагласи премиерот Никола Груевски на вчерашното обраќање кон бизнис-заедницата и трите стопански комори на тема Економските предизвици во 2013 година". Премиерот Груевски е оптимист и вели дека до крајот на ноември половина од долгот ќе биде вратен, а крајната цел е до крајот на февруари проблемот целосно да биде елиминиран. Средствата за реализација на ова ветување се обезбедени.
- Светската банка најави подготвеност да ни одобри специјална гаранција од 100 милиони евра со цел затворањето на целиот буџетски дефицит за оваа и следната година да биде со најмали можни трошоци, поточно со камата од околу 4,5 отсто. За нив е важно што Македонија ќе остане најниско помеѓу 4-5 најниско задолжени земји и меѓу десетината држави со најнизок буџетски дефицит. Со тоа ќе се намали доцнењето на исплатите од државните институции вклучувајќи го и повратот на ДДВ - објасни Груевски и додаде дека втора цел е по елиминацијата на долгот да не дојде до повторна појава на проблемот во текот на следната година.

Според него време е за мала промена на терапијата, секако ако должничката криза ја споредиме со болест која се уште трае, а обврска на економскиот тим е да се справува со неа.
-Ова е особено важно за секој потенцијален инвеститор, а истовремено Македонија да продолжи да биде земја со најнизок буџетски дефицит кој годинава ќе биде околу 3,5 отсто и исто толку идната година со тенденција на намалување по 2013 година.

Против кризата владиниот тим ќе се бори со зголемување на пензиите коишто ќе пораснат за околу 2 отсто поради законските усогласувања со растот на трошоците што заедно ќе биде зголемување од околу 7 проценти. Груевски истовремено најави дека Владата ќе го реализира ветувањето за зголемување на пензиите и социјалната помош за 5 отсто почнувајќи од март следната година, додека зголемувањето на платите во јавната администрација ќе биде одложено за една година.
-Во овој момент останува само една дилема дали зголемувањето на пензиите да биде како процент од зголемување од 5 отсто или линеарно зголемување со еднаков апсолутен износ за сите пензионери во Македонија. Многу е веројатно дека Македонија во 2013 година ќе биде единствената или една од ретките земји во Европа, која во ваквите услови ќе најде начин да ги зголеми пензиите на пензионерите и социјалните надоместоци за лицата приматели на социјална помош - нагласи премиерот Груевски.

До крајот на годинава, но и следната нема да се дозволат ниту масовни отпуштања од администрацијата поради заштеди во буџетот, ниту намалување на платите, нема да се зголемат даноците, инфлацијата ќе биде ниска околу 2,5 отсто, субвенциите на земјоделците, пензиите, банкарскиот сектор и денарот ќе останат стабилни. Владата ќе продолжи со засилено инвестирање во изградба на инфраструктура во развојно технолошките зони и во индустриските зони - посочи Груевски во своето едночасовно обраќање.

Македонија мора да продолжи со одржување на здрави макроекономски политики и спроведување на реформите, одржување на ниски стапки на даноци и придонеси, а данокот нема да се зголеми ниту за еден денар.

2013 - ГОДИНА НА ИНВЕСТИЦИИ
2013 ќе биде и година на интензивирање на крупните капитални инвестиции како што е изградбата на коридорот Александар Македонскии и по можност на други автопати, изградбата на гасоводната мрежа, на пругата од Бугарија и Албанија и реконструкција на пругата на Коридорот 10, изградба на крупни енергетски проекти и слично. Ќе продолжат структурните реформи за подобрување на бизнис-климата и конкурентноста на економијата, ќе се обезбедат поволни кредитни линии за малите и средни претпријатија од Европската инвестициска банка со повластена каматна стапка.
- Владата ќе обезбеди нови 100 милиони евра под поволни услови со цел ублажување на последиците од европската должничка криза - вели премиерот.

Според него следната година ќе почне изградба на дел од автопатиштата, на патниот правец Гостивар-Кичево и Скопје-Блаце.
- За останатите патни правци почнавме разговори за кредити и за изнаоѓање други начини за финансирање, рече Груевски и додаде оти се надева дека во наредните три-четири месеци Владата ќе ги има прелиминарните резултати од тој обид. Доколку, најави, оваа операција заврши успешно, извесно е да се очекува дека барем дел од овие автопати ќе почнат да се градат во 2013 година.

Груевски ги потсети бизнисмените дека од доаѓањето на власт во 2006 година, усвоени се нови економски политики на Владата кои се спроведуваат веќе шест години и кои донесоа многу позитивни промени.

Премиерот се осврна и на еден демографски проблем. Според него рецесијата во наталитетот е многу поопасна од рецесијата во економијата. Тој како пример наведе дека во 1950 родени се 50.000 деца, а во 2010 само 22.000 деца, што е двојно помалку.

-Тоа е загрижувачки, бидејќи нема економија без луѓе - смета Груевски.
Тој на крајот им порача на бизнисмените во услови на криза да не се повлекуваат и да грабаат напред, оти нивната шанса е да станат поконкурентни и да се позиционираат на нови пазари. Премиерот смета дека треба да бидат повеќе креативни и со нови менаџерски идеи, оти кризата може да се победи.

Тој е оптимист за идната за 2013 година и покрај видливите предизвици во Европа и соседството. На македонската бизнис-елита и вети дека со својот економски тим ќе продолжи да работи деноноќно.

КОМОРИТЕ ЗАДОВОЛНИ ОД ВЛАДИНАТА ПОДДРШКА
За претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, највисока доблест е човекот да ги признае сопствените грешки и да понуди решение за нив.
-Владата даде оптимизам за бизнис-секторот за идната година, бидејќи ќе продолжат изградбите на патиштата, модернизација на пругите, инвестициите во енергетскиот систем и гасификацијата. Но, за нас е особено значајно расчистувањето на долговите на државата, по основ на враќање на ДДВ и по основ на обврски кон компаниите до крајот на февруари 2013 година. Ова е силен мотивациски фактор за бизнис-секторот што треба да се пренесе и на граѓаните, посочи Азески.
Задоволен е и Антони Пешев од Стопанската комора на Македонија, бидејќи Владата за првпат отворено зборува за долгот кон компаниите.
- Решенијата на премиерот се благ сигнал дека проблемот ќе се релаксира и ќе се подобри состојбата со ликвидноста во државата - смета Пешев и додава дека Комората наскоро ќе понуди и друг сет антикризни мерки. Тој смета дека Македонија има теоретски шанси да се извлече од кризата со мали штети, но мора да се биде многу внимателен, бидејќи сме на работ на амбисот.

фото; Ѕ. Плавевски
Валентина МАРЈАНОВИЌ

Поврзани

Најнови вести

Коментари