Проф. др Никола Пановски во изјава за „Сител“ им порачува на заболените од Ковид-19 повеќе да не трошат пари за тестирања, бидејќи тоа повеќе не е потребно.

Микробиологот вели дека во моментов бројот на заболени е 10 пати поголем од официјалната статистика, а многу од младите не ни знаат дека биле заразени.

– Нема потреба граѓаните сами да се тестираат и да прават трошоци, туку да се изолираат неколку дена. Нема никаков ефект освен финансиска загуба од тестирање, иако е точно дека некои бараат изолација за да добијат боледување. Кога би бирал меѓу ковид и ангина, сега би одбрал ковид. Така да мислам дека тестирањето не значи ништо, рече Пановски.

Тој се согласува дека не треба да се враќаат дел од задолжителните мерки и дека граѓаните се веќе свесни за сопствената заштита.

– Гледам дека некои луѓе носат маски, што не беше случај пред три недели. Болниците се се уште празни и нема нешто што треба да се одложува. Што ако го одложиме две недели?, вели Пановски.

Засега нема нови анти ковид мерки. Република Северна Македонија е во фаза на широка трансмисија, со соодветни капацитети за одговор, соопштија од Комисијата за заразни болести откако денеска ја разгледаа епидемиолошката состојба.