Од Босна, преку ОВК и ОНА до ИСИЛ

Муџахедините се тука две децении, а во Сирија и Ирак се нивните ученици

Во конфликтот во 2001 година на страната на ОНА се бореа околу 150 муџахедини од странство кои ги донесе тогашниот оџа од Слупчане, Јакуп Асипи, близок соработник на раководството на ОНА и на сегашното ДУИ

Странски борци, платеници или приврзаници на радикалниот ислам, не се ништо ново за нашата држава која за прв пат се сретна со нив уште за време на конфликтот во 2001 година. Тогаш на страната на ОНА се бореа странски државјани, кои земаа учество исклучиво од религиозни и етнички побуди. Тринаесет години подоцна од нашата држава заминуваат исти такви борци кои сега војуваат во Сирија или Ирак. Дел од нив се млади момчиња индоктринирани наследници на овие радикали кои очигледно успеаја да останат и да се зацврстат во државата, но и во регионот, а меѓу нив има и нивни соборци од конфликтот во 2001 година.

Бекир Халими, со брада и калашников во рака стои

Јавна тајна е дека во редовите на ОНА во 2001 година се бореа над 150 војници од странство, приврзаници на радикалниот ислам, кои беа распоредени низ повеќе единици, а јадрото го сочинуваше муџахединскиот вод "Имри Елези" кој беше во склоп на 113-та бригада "Исмет Јашари" која дејствуваше во кумановскиот регион, а чиј командант беше Ндрецај Малиќи.

Припадниците на овој вод беа државјани на повеќе земји како Саудиска Арабија, Турција, Босна и Херцеговина, Авганистан, Косово и Албанија. Станува збор за борци кои посетувале обуки во терористички кампови во повеќе земји. Регрутирањето на муџахедините беше задача на Јакуп Асипи, познат како оџата од Слупчане тогашен близок соработник на раководството на ОНА и сегашното ДУИ кој се школуваше во Сирија.

Јакуп Асипи седи најлево, Шефкет Красниќи седи на земја со чалма на глава, сите се од муџахединскиот вод

Токму тој успеа да донесе преку стотина муџахедини во нашата држава кои веднаш се приклучија на ОНА, а помош имаше од Даут Харадинај и Џезаир Шакири - Командант "Хоџа". Асипи активно учествуваше во конфликтот во 2001 година, беше припадник на муџахединскиот вод во 113-та бригада, а рамо до рамо со него се бореше и косовецот Шефкет Красниќи, имамот од Приштина кој минатиот месец беше уапсен од тамошните безбедносни служби во акцијата насочена против исламските радикали. Красниќи, во последниве неколку години, неколку пати проповедаше во скопските џамии кои се одметнати од ИВЗ.

Според информациите на безбедносните служби, командант на муџахедините бил скопјанецот Фери Селими, а негов заменик Беќир Халими. Командант на водот во 113-та бригада бил Сабедин Селими од Липково. Халими, пред неколку години, беше уапсен во Скопје поради сомневање за соработка со организации ставени на црна листа заради финансирање на Ал Каеда, а според МВР во неговата библиотека во Старата скопска чаршија беше најдена литература поврзана со радикалниот ислам. Меѓутоа ова никогаш не беше докажано, па против Халими немаше ниту судски процес.

Иако повеќето од муџахедините ја напуштија државата по завршувањето на конфликтот, во Македонија останаа нивните следбеници кои продолжија да го шират радикалниот ислам. Доказ за тоа се постираните предавања на Асипи кои можат да се видат на профилите на социјалната мрежа Фејсбук кај повеќето момчиња кои загинаа во Сирија и Ирак. Во мај годинава во Сирија загина кумановецот Аднан Реџепи, кој во 2001 година се бореше заедно со Асипи.

Собир во Слупчане од десно на лево: 1 ред Али Ахмет, Фатмир Дехари, Назим Буши, Јакуп Асипи, Сами Ушкини, Хајрула Мисими, Бекир Асани 2 ред Шкодране Дарлишта (со беретка) Екрем Дарлишта

Проблемот со исламскиот радикализам продолжи и по конфликтот и иако имаше укажувања тоа беше негирано од сите надлежни институции, првенствено од ИВЗ која на крајот мораше да признае дека вехабисти и селафисти постојат и дека немаат контрола над неколку џамии во Скопје. (О.Ч.)

 

За ДУИ платеници во 2001 биле Срби

ДУИ речиси никогаш не ги коментира информациите за учеството на платеници и муџахедини во редовите на ОНА. Според оваа партија во конфликтот во 2001 имало платеници, но тие се бореле на страната на македонските безбедносни сили.

Не може да постои радикален ислам или радикално христијанство, но може да има само радикални поединци кои немаат никаква врска со религијата. Албанците се горди што им припаѓаат на три доминантни религии во светот и пред се, без разлика дали се муслимани, православни или католици, тие се Албанци. Екстремизам и радикализам е учеството на српските паравоени сили во конфликтот во Украина. Или во војната во Македонија во 2001 година.

Овој закон се носи за да ги запре таквите интервенции и учествувања или поттикнувања за во странски конфликти каде нам муслиманите и христијаните не ни е место - изјави Артан Груби, портпарол на ДУИ, по повод неодамнешното донесување на законските измени за поефикасна борба против тероризмот.

 

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари