Совет од неколку правни експерти но, и тврди партиски активисти

До каде е работата со "реформска" смена на судиите

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека очекува неделава да биде постигнат и политички консензус за формирање на Советот за имплементација на стратегијата за реформи во правосудството. Доцнењето, вели, е затоа што му се дава шанса на политичкиот дијалог, со цел да се постигне максимална доверба за успешност на советот.

Премиерот Зоран Заев најави дека владата ќе го менува законот за нотаријат, а рече дека закажал и средба со министерот за правда, и претседателите на адвокатската и нотарската комора. Заев вели дека крајната цел е да се избегнат непотребните трошоци, а нотарите и адвокатите да бидат во служба на граѓаните.

Но, пo се' изгледа дека премиерот Заев мака мачи да ги почне реформите во правосудната област, кои претходно ги најавуваше. Истите беа предвидени да стартуваат уште минатата година, веднаш по доаѓањето на власт во јуни. Како и да е, падна одлука есента да се формира Совет за реформи во правосудството и најави генерален реизбор на сите судии. Но, целата работа се изјалови само по неколку месеци.

Љубов му откажаа експерти и судии блиски токму до неговата партија со образложение дека не се убедени во независноста, јасните и професионални намери на тој совет. А, во ова тело требаше да бидат судии и универзитетски професори но и поранешни партиски функционери и извикани пропагандисти на СДСМ како Љубомир Фрчкоски и Мирјана Најчевска... учесници и лидери на партиски протести како Гордан Калајџиев но, и стручни независни лица како професорот Борче Давитковски кои, за жал вакви се малцинство во планираниот совет. Големо прашање е колку ова шарено друштво, претежно сосема јасно партиски ориентирано или ангажирано има авторитет во јавноста и меѓу судството да биде автор на судски реформи.

Од домашните судови, пак, во редовите на новоформираниот совет требаше да бидат судијката Наташа Габер Дамјановска од Уставниот суд, Фаик Арслани од Врховен, Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права и други. Прв човек на оваа институција, требаше да биде министерот Билен Салији. Но, за нефункционалноста на ова тело прв се побуни професорот Калајџиев, кој си поднесе и оставка, укажувајќи дека не сака да биде декор во т.н. реформи на правосудството.

Некои важни иницијативи се одбиваат без аргументација, така што Советот го доживувам повеќе како декор на министерството и Владата отколку како вистински Совет за реформи. Мислам дека напротив, сериозноста на задачата бара многу добро да се размислат чекорите што се преземаат, бидејќи само палијативни, нови крпења на законските прописи, нема да донесат решенија на проблемите како што не донесоа ни досега, бидејќи ние и без да правиме реформи имаме пристојни законски решенија. Но, имаме сериозни други проблеми што уште де факто не сме ги детектирале зошто и како нашиот систем не е резистентен на политичките влијанија, кои се тие канали преку кои се врши притисок врз судството, обвинителството што доведуваат до селективност, политизираност, рече Калајџиев кога си поднесуваше оставка.

Во декември, лани, беше одлучено да се формира ново тело кое требаше да почне со работа кон крајот на јануари, а кое ќе го води премиерот Зоран Заев. Но, тоа никако да види бел ден. Изминаа веќе четири месеци, а премиерот Заев сеуште најавува дека „наскоро ќе биде".

По функција, според планот, во тој совет ќе членуваат и претседателите на Врховниот суд Јово Вангеловски и на Судскиот совет Зоран Караџовски.

Премиерот Заев, како предводник на извршната власт, одлучи да ја реформира судската власт. За ова следеа и многу критики за мешање на извршната и судската власт, дури и од луѓе блиски до СДСМ.

Сега најавата за нов совет за реформи има необична конотација. Местото на судството не му е во извршната власт. На претседатели на судови, на Судскиот совет исто така не им е местото да го следат извршувањето на реформите преку владата како што е замислено. Треба луѓето кои го претставуваат судството да комуницираат преку министерството за правда како надлежно или тоа може да се направи преку концептот на независно тело кое ќе ги обединини сите овие, плус експерти и претставници од академската заедница, изјави неодамна Мирјана Лазарова Трајковска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права при Советот на Европа во Стразбур, поранешен претседател на ДИК, а со искуство и во МНР и МВР.

Според неа, ова што се случува сега е мешање на извршната власт и судската власт.

За независно судство треба силен Судски совет. Јас го поддржувам концептот на професионален Судски совет, којшто по примерот на некои други земји, како што се Хрватска, Италија, го имавме случајот со Бугарија, меѓутоа од друга страна, и во согласност со нашите поранешни искуства, од значењето и улогата на Судскиот совет, би можел да биде тело кое ќе учествува и ќе ги води реформите. Јас сметам дека оттука треба да почне реформата, значи од Судскиот совет, меѓутоа таа треба да продолжи и кон Уставниот суд, и понатаму кон Врховниот суд. Не треба да се изостават Управните судови надвор од реформите, затоа што формирањето на овие судови не ја разграничи до крај и нивната позиција и нивното место во рамките на правосудниот систем, вели таа.

Веднаш по доаѓањето на власт СДСМ одлучи да формира Совет за реформи во правосудството и најави генерален реизбор на сите судии. Но, ништо до тоа не се реализираше и во декември, лани, беше одлучено да се формира ново тело кое требаше да почне со работа кон крајот на јануари кое ќе го води премиерот Зоран Заев. Но, тоа никако да види бел ден. Поминува и март.

Како што вели и Трајковска на некој начин вака како што се поставени работите има мешање на извршната и судската власт.

Тоа го говорат и правните акти. Имено според член 8, темелни вредности на уставниот поредок од Уставот на Република Македонија поточно став 4 дефинира дека една од тие вредности е: „поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска".

Инаку во првичниот совет вкупниот број на членови изнесуваше 22, од кои дел надворешни експерти, а петмина од редовите на министерството за правда. Првиот човек на оваа институција, министерот Билен Салији беше и претседател на овој совет, а потпретседател заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски.

Поврзани

Најнови вести

Коментари