logo
logo
logo

ДКСК му одговори на Заев: Третиот ешалон не вработува и не води тендери

Vecer | 29.07.2021

ДКСК му одговори на Заев: Третиот ешалон не вработува и не води тендери

Се водат низа постапки за злоупотреби на положбата против пратеници, министри, директори и членови на надзорни и управни одбори што се дел од првиот ешалон на власта, за кој премиерот Зоран Заев тврди дека не е подмитлив, велат од Антикорупциска

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) води постапки против пратеници, министри, директори и членови на надзорни и управни одбори кои ја злоупотребиле својата функција во области во кои не може да одлучува третиот ешалон од власта, велат од ДКСК.

Оттаму ја коментираа изјавата на премиерот Зоран Заев дека не е откриена корупција кај високите функционери, туку само кај администрацијата.

– Состојбите што произлегуваат од постапките што ДКСК ги води и за кои постојано укажува на своите јавни седници, говорат за утврдени состојби на злоупотреба на функции од страна на пратеници, министри, директори, членови на управни и надзорни одбори при вработувања на свои блиски лица или членови на политички партии; суптилно договарање критериуми за избор на економски оператори при доделување договори за јавни набавки или непредвидување никакви критериуми, со цел договорите да се доделат на наменски новоформирани фирми; влијание на градоначалници при одредување габарит на одредени објекти при носењето на ДУП-ови; политички несогласувања и пазарења при избор на членови на разни регулаторни тела, судови, совети итн.; непредвидени казнени санкции за таквото однесување во законската регулатива или нивно непроцесирање во надлежните судови.

Сметаме дека третиот ешалон не е во можност да одлучува за претходно наведените случаи – велат од ДКСК за „Слободен печат“.

Од Комисијата укажуваат дека согласно законската дефиниција под корупција се подразбира „злоупотреба на функција, јавно овластување, службена должност или положба заради остварување корист, директно или преку посредник, за себе или за друг“.

– Во оваа смисла, ДКСК нагласува дека корупцијата не секогаш треба да се поврзе со примање мито, видлива материјална корист или подароци – потенцираат оттаму.

Премиерот Заев пред три дена, коментирајќи ги критиките на Стејт департментот дека корупцијата е најгорлив проблем во земјата, рече дека има корупција, но не и во високите ешалони на власта.

– Никаде во највисокиот ешалон, па дури и во вториот ешалон, значи министри, директори, не е препознаена корупција. По сите анализи, нам ни е јасно нивото на корупција на трето ниво, таму каде што граѓаните шалтерски допираат – имотен лист, решение за градба и слично и ќе го промениме тоа. Дури и Стејт департментот ја поздравува дигитализацијата, со која ќе може да се „бајпасира“ тој субјективен фактор, односно административниот работник што е точка на корупција меѓу граѓаните и јавната администрација – рече Заев.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk