Џафери-Меј: Посилно Собрание значи посилна Македонија

Претседателот на Собранието Талат Џафери приреди прием во чест на премиерката на Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска,  Тереза Меј.

Во своето обраќање претседателот Џафери рече дека Македонија е посветена на враќање на вистинската улога на законодавниот дом и се чини, рече тој, дека конечно сме на вистинскиот пат, судејќи по тоа што неодамна добиениот Извештај за напредокот на Република Македонија од Европската комисија беше позитивен и безусловен.

„Ќе продолжиме на тој пат, за нашите граѓани, нашите деца, идните генерации, Република Македонија и сите кои споделуваме европски вредности и стандарди“, рече Џафери.

Во своето обраќање премиерката Меј истакна дека е искрено почестена од приемот што претседателот Џафери го организира во нејзина чест и подвлече дека најуспешните парламенти имаат две заеднички работи: првата, дека тоа се места каде граѓаните имаат слободен пристап до своите претставници и знаат каква работа се врши во нивно име; втората е дека Парламентите треба да бидат места каде пратениците се во позиција и се волни да ја предизвикаат Владата и другите јавни институции со прашања за нивните активности и политики.

„Знам дека изминатава година оваа зграда посведочи тешки времиња. Но свесна сум и за промените кои се случија оттогаш и за желбата за реформи во насока ова Собрание да ги исполни ваквите стандарди. Горда сум што Обединетото Кралство ги поддржува овие реформи преку нашите програми за финансирање. Кога владее демократијата, придобивките ги чувствуваме сите – посилно Собрание значи посилна Македонија“, истакна таа.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари