Директорот на Зоолошката градина Скопје Ѓорѓи Галетановски демантираше дека се дадени 300 илјади за куќа за пингвини во Зоолошката градина во Скопје за време на пандемија. Тој потенцира дека тоа не е куќа за пингвини, туку целосен нов реон во зоолошката, каде што има дел и со други птици, хортикултурно уредување, реквизити, тераса со видиковец. Секојдневно посетителите може да видат што се е направено и токму овој нов реон кој вкупно чини 270 000 евра е најпосетениот и најубав простор во градината.

Во продолжение во приложуваме во целост неговиот демант:

„Целосно го демантирам текстот на порталот Вечер.Мк под наслов „Петре Шилегов- Градоначалникот кој го продаде кучата“, портал каде што Ивона Талевска е главен и одговорен уредник, а со непотпишан автор на статијата, во која се изнесени низа невистини и за Зоолошка градина Скопје. Во текстот е спомната некаква си куќа за пингвини која чини 300 000 евра и парите според порталот се дадени во време на пандемија, но во реалноста не е така. Двете живеалишта за фламинга и пингвини кои се со големи надворешни базени, плус со внатрешни живеалишта и базени, целосно климатизирани, уредени по светски стандарди за градба на живеалишта и еден спрат под земја каде што се наоѓа најсовремена опрема- пумпи и филтри за одржување на базените заедно чинат 270 000 евра, а средствата за градба беа одобрени во 2019 година,кога и започна изградбата на проектот,  речиси една година пред пандемијата . Тоа не е куќа за пингвини, туку целосен нов реон во зоолошката, каде што има дел и со други птици, хортикултурно уредување, реквизити, тераса со видиковец. Секојдневно посетителите може да видат што се е направено и токму овој нов реон кој вкупно чини 270 000 евра е најпосетениот и најубав простор во градината.

Авторот на текстот очигледно нема познавање за животни и што се е потребно за нивна благосостојба и грижа. Сите трошоци во градината се за подобрување на условите на животните, но и за подобро искуство на посетителите. Постојано реновираме живеалишта кои на пример не биле реновирани и по 40 години. Во градината имаше многу дотраени огради и живеалишта, езерца и фонтани кои не беа исчистени и по 13 години, а голем дел веќе успеавме да средиме за само две и пол години. Што се однесува до Дино Паркот, средствата се одобрени уште во септември 2019 год, а изведбата започна во октомври 2019. Скопје добива ново туристичко катче кое ќе биде посетувано и од голем број туристи од надвор, затоа што е единствен Дино Парк во регионот со 41 диносаурус. Влез во паркот ќе биде симболични 50 денари, додека секаде во регионот минимум е 5 евра. Овој парк ќе биде секојдневно место за забава и едукација на најмалите, на туристите, на учениците… Целиот парк чини колку една помала скулптура од проектот Скопје 2014, кој освен кич не донесе ништо добро.

И ве замолувам да не ја валкате зоолошката поради политичка кампања. Зоолошката градина не е ниту на една политичка партија. Зоолошката градина е на сите граѓани, а најмногу на  децата. Да ги оставиме тука да се едуцираат, радуваат и да уживаат во сите нови проекти, живеалишта и игралишта кои се направени во изминатиот период, стои во демантот на Ѓорѓи Галетановски, директор на ЈУ „Зоолошка градина Скопје“