Ме загрижува упорноста и тврдоглавоста на власта да го истурка овој попис, но многу е нелогично тоа што на 22 март завршува предвидениот рок за полициски час предвиден од 22 до пет часот изутрина, а само после десет дена треба да започне процесот на попишување на граѓаните, вели претседателот на Социјалистичката партија на Македонија, Љупчо Димовски за Сител.

– Може многу лесно да ни се случи навечер да имаме полициски час а дење да ни доаѓаат пописните комисии кои ќе ги попишуваат граѓаните. Сметам дека тоа е исклучително висок ризик и не случајно заедно со коалиционите партнери од коалицијата Обнова на Македонија, пред се со ВМРО-ДПМНЕ го делиме истото мислење, истиот став дека треба и Македонија да се потруди да го пролонгира за одреден период, најмалку шест месеци спроведувањето на пописот“, истакна Димовски.

Tој додаде дека дека Македонија треба да го одложи пописот како што сега пред некој ден го направи Република Србија, а претходно Германија, Ирска и многу други сериозни држави членки на Европската унија.

Димовски смета дека власта не смее граѓаните да ги става во ситуација на исклучително висок ризик, во однос на високиот секојдневен број на заболени од коронавирус затоа што државата се наоѓа во трет бран и за спроведување на пописот треба да се почека да стигнат вакцините за имунизација на населението.

– Ние сега знаеме дека имаме трет бран на коронавирусот и дека според индикаторите, не смееме граѓаните да ги ставаме во ситуација на исклучително висок ризик. Можеби да има и тогаш, меѓутоа следниот период се надеваме, а јас лично очекувам дека владата сериозно ќе се потруди да започне со вакцинацијата на населението и дека во следниот ден ќе дојдат долго очекуваните вакцини и дека ќе се започне со тој процес, доколку не сакаме природно да стекнеме имунитет без вакцини, рече  Димовски.

Тој нагласи дека цената за сето тоа е многу висока и дека во следните шест месеци треба да се воздржиме од една таква активност каква што е пописот на населението.