logo
logo
logo

Димитров за „Та Неа“: Дел од барањата на Бугарија не се во склад со европските вредности

Vecer | 16.05.2021

Димитров за „Та Неа“: Дел од барањата на Бугарија не се во склад со европските вредности

Европа не може да биде обединета без еден цел регион кој е во рамки на нејзините граници и ако наскоро немаме позитивен развој ќе се доведе во прашање кредибилитетот на ЕУ, вели вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, во интервју за грчкиот весник „Та Неа“.

Осврнувајќи се на евроинтегративниот процес на државата, Димитров потенцира дека Северна Македонија покажала посветеност во исполнување на реформите и издигнување на демократијата, што според него покажува дека сега ЕУ е на тест.

„И Западниот Балкан и Европа ќе бидат подобри ако знамето на ЕУ го покрие и овој регион. Имаме заеднички интереси во областа на безбедноста и тоа не се ограничува само на безбедноста на Балканот, туку и на безбедносните ризици во Европа. Нашиот случај е особено индикативен. Едно дете што се родило во мојата земја, сегашна Северна Македонија, кога ја потпишавме Спогодбата за стабилизација и асоцијација денес има 20 години. Ние сме земја-кандидат 16 години. Се движиме во вистинскиот правец, сакаме да бидеме динамична европска демократија со просперитетна економија“вели Димитров.

Во однос на прашањето со соседна Бугарија, Димитров вели дека Преспанскиот договор постигнат со Грција е показател дека преговорите меѓу двете земји се успешни, тогаш кога двата соседи се победници.

„Мислам дека правиме сѐ што можеме за да го постигнеме тоа и со Бугарија. Имаме разлики. Некои од прашањата што ги поставува Бугарија не се целосно во склад со европските вредности. Јас сум сосема уверен дека ќе има успех и за Северна Македонија и за Бугарија и за ЕУ“,додава Димитров.

На прашањето за соработката со Грција, вицепремиерот Димитров посочува дека Преспанскиот договор не бил само решение на прашањето за името, туку и инвестиција во стабилноста на регионот.

„Се отклучи нашиот влез во НАТО, што е важно и ѝ дава сила на нашата земја, во еден регион што не е сосема „среден“. Тоа беше и еден чекор кон нашите преговори со ЕУ. Се отвори нова страница за соработка. Сега премиерите Заев и Мицотакис разговараа за големи проекти особено во областа на енергијата. Грција е многу важен трговски партнер и во Северна Македонија имаме големи грчки инвестиции. Уверен сум дека Договорот беше историски“потенцира Димитров.

Во однос на нон-пејперот за промена на границите, Димитров вели дека се отворила опасна дискусија и според него, на регионот не му требаат поголеми држави, туку величествени европски демократии и економии.

„Ваквите агенди јакнат затоа што слабее европската идеја за обединет европски Балкан во обединета Европа. Јас се обидувам да го активирам ѕвоното на опасноста. Време е да се активираме. При секоја посета на Грција се обидувам да научам еден грчки збор. При првите посети беше „пријателство“, потоа „спогодба“, па „спокој (мир)“, па „визија“, а овојпат е „сега“. Сега е време“ да се придвижиме започнувајќи го европскиот пат на Северна Македонија и Албанија“, посочува Димитров.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk