logo
logo
logo

Димитров и Османи во серијалот “Бугарската невеста“ (ДЕТАЛИ)

Vecer | 27.06.2022

Димитров и Османи во серијалот “Бугарската невеста“ (ДЕТАЛИ)

Димитров и Османи во серијалот “Бугарската невеста“ (ДЕТАЛИ)

Навистина? Ама дали навистина?

На сите изнесени грижи и прашања, не само од мене, туку од целата домашна јавност, вие повторно со бгнес спинувања?

Чија пропаганда терате?

Мафтате со протокол потпишан во јуни 2019 кога НЕМА вето, туку црно на бело потврда на бугарската ПОДДРШКА на нашите евроинтеграции напишана во истиот документ.

Дали го разбирате воопшто контекстот и разликата што ова ја прави? Во тоа време, протоколот беше навистина билатерален, а се работеше без уцена.

Притоа, манипулирате за клучни делови од тој протокол, повторувајќи бугарска теза што очигледно ви е блиска: дека наводно сме преземале ОБВРСКА историчарите да ги надминат најделикатните теми во одреден рок, игнорирајќи ја клучната кованица во текстот - НАСТОЈУВАЊЕ да се постигнат реални резултати. Како што добро знаете, политиката може да охрабрува, да настојува, да прави добра атмосфера (како што тогаш имало), но не може и не смее да обврзе или да наметне решение врз комисијата за историски прашања.

Повеќето од членовите на комисијата се истите луѓе, слободно јавноста нека ги праша дали во мое време биле обврзани или притиснати за било што. Во тоа време тие навистина настојуваа да дојдат до резултати, се’ додека бугарската страна не почна да го минира процесот.

Понатаму, во македонската верзија на документот се разбира Илинденското востание е Илинденско востание и никако поинаку. Интересно што полесно сте нашле некоја бугарска верзија, отколку македонската. Мојот кабинет целиот фајл за прашањето со Бугарија го предаде на вашите луѓе. Зошто токму денес ви се губат документи од архива можеме да претпоставиме. Во мое време, архивата на кабинетот и на министерството беше педантно водена.

Една лага не ви поминува, една!

Доста се бавите со мене!

Одговори чекаме.

Одговорете и реафирмирајте ги македонските позиции, па потоа слободно продолжете со личната опсесија. Одговорете и реафирмирајте ги македонските позиции, па сите хистерични веднаш ќе се упристоиме!, одговара Димитров преку ФБ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи преку објава на приватниот профил на Фејсбук му одговори претходникот на позицијата, Никола Димитров, кој денеска побара оставки од него и од вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ поради нивниот пристап кон францускиот предлог и преговорите со Бугарија.

Османи објави документ, за кој вели дека е единствениот Протокол потпишан со бугарската страна, кој бил прифатен во времето кога министер бил Димитров. Во документот, на кој стојат потписите на Димитров и тогашната министерка за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева, меѓу другото пишува дека македонската страна го прифаќа бугарското гледиште кон Илинденското востание, прифаќајќи го името „Илинденско-Преображенско востание”.

Ја пренесуваме во целост објавата на Османи:

„Накратко околу мотивите на мојот претходник: Мислев дека ќе можам да ја задржам дипломатската пристојност, и да не говорам за отстранувањето на документите од архивата на МНР пред моето доаѓање во куќата, но кога ќе се поминат црвените линии на пристојност, сите треба да ги отвориме картите до крај.

Ова е сегашната наша ситуација во односите со Република Бугарија. Досега имаме потпишан само еден Протокол, потпишан токму од мојот претходник, во кој има неколку јасни обврски кои за жал, само сме се обврзале, но и не сме ги реализирале: Првата е дека го прифаќаме бугарското гледиште кон Илинденското востание, прифаќајќи ја номенклатурата “Илинден Преображение – востание”, создавајќи со тоа рамка во која Комисијата се очекува да делува, што, пак, создава тешкотии во нивната работа, но воедно и веќе создала преседан во односите со Република Бугарија, дека историските прашања може да ги решаваме политички, наместо да ѝ ги оставиме на Комисијата.

Второ, потпишувајќи го единствениот Протокол, мојот претходник ја обврзал и Комисијата, но и земјата, пред целиот свет, дека имаат краток рок до крајот на 2019 година, да најдат решение за Гоце Делчев и востанието, сега веќе и дефинирано согласно бугарската позиција како “Илинден Преображение”.

Не сметам дека имал лоши намери тогаш, но нема да го премолчам неговиот обид сега да се “пенави” на нашиот обид да направиме пристоен Протокол, во кој нема да се обврземе за содржината, туку за принципите на нашата работа, претставувајќи нѐ сега нас како предавници на неговиот потпис.

Ќе продолжиме со нашата работа без разлика колкава хистерија ќе создаде мојот претходник. Ќе обезбедиме пристојно решение со Република Бугарија, но и европска иднина за земјата.

П.С.: Овој документ кој сега го презентирам, во неговата физичка форма недостасува во МНР, очекувано е кој си го зел пред да си отиде и со какви намери,“ напиша Османи.

Овој одговор на Османи беше резултат на утринската прозивка на Димитров.

Итна реафирмација на македонските позиции!

Очајот на (дел од) владата за лажен успех оди дотаму што четирите услови на премиерот гласно и јасно изговорени од сред Брисел, се стопија прво на два зборови, “протокол” и “отворање”, па за 24 часа само на еден збор “протокол”.

Од повикот на шефот на дипломатијата пред три дена бугарскиот парламент да не го усвојува предлогот бидејќи тоа “ќе го блокира долгорочно европскиот процес” за само еден ден потоа токму усвојувањето на предлогот стана “голем напредок”.

Ако потрае оваа агонија на игра со зборови и позиции уште малку, веројатно предлогот ќе им стане целосно прифатлив и ваков каков што е, а од историското НЕ ќе остане само горчливата прашина. За жал, ако навистина дојде до тоа - ќе ја дишеме сите долго, заглавени во ќорсокакот.

Затоа најитно е потребна гласна реафирмација на македонските позиции и дома и надвор, за да ги чујат сите кои можеби не сакале да ги слушнат, вклучувајќи го и еврокомесарот Вархеји

Во вакви услови, кога јавноста е оставена да се храни само со полуинформации, како очекувате да нема грижи и дилеми?

Абе за НАС се работи, за секој од нас. Има да одговарате на секое ново прашање, а не уште да обвинувате.

Па, министри кои се закануваат со кривичен прогон на свесни граѓани кои целосно се вложиле да спречат национална катастрофа нагалено наречена “државна стратегија” нарекувајќи го тој автентичен чин “хибриден напад” треба веднаш да ги снема од владата. Ако тоа не се случи, одговорноста ќе падне на целата влада.

Граѓанското несогласување и активизам е срцето на демократијата. Ако до овој најнов срам проблемот беше надворешната божем-политика што со зборовите на Петков доведе до “неверојатен дипломатски успех” за Бугарија, со сесрдна помош и соучесништво на македонската влада, сега проблем е и овој беден обид за божем заплашување.

Имаше две неспорни области на напредок последниве години, токму надворешната политика и слободата. Како стоиме денес нервозни господа во тие области, ако надворешната политика дозволи ваков дебакл што го гледаат сите со отворени очи, и дома и надвор, распрскувајќи ги македонските црвени линии на парчиња, а министри се закануваат токму кон слободните граѓани кои се обидуваат да ја намалат штетата,што веќе секако е огромна?

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk