logo
logo
logo

Димитров од Вилнус: Направивме огромни чекори во европски дух, но препреките никако да изостанат

Vecer | 23.04.2021

Димитров од Вилнус: Направивме огромни чекори во европски дух, но препреките никако да изостанат


Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денес во Вилнус имаше средба со министерот за надворешни работи, Габриелиус Ландсбергис, со што ја заокружи дводневната посета на двете балтички земји кои се дел од групата „Пријатели на проширувањето“.

Димитров се осврна на блиската соработка со Литванија воспоставена преку Вилнус групата уште од 2000 година, како платформа за поддршка на процесот на пристапување кон НАТО врз основа на принципот на солидарност, што се заокружи со влезот на Северна Македонија во Алијансата. Главниот фокус на средбата беше ставен на заокружување и на втората стратешка цел, отпочнување на евроинтегративниот процес кој дополнително ќе ја зајакне безбедноста, но и демократизацијата на нашиот регион. Тој потенцираше дека Европа не може да биде комплетирана без интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ, бидејќи најважен предуслов во таа насока се стабилни и фер институции и владеење на правото што пак, се главни императиви на пристапниот процес.

„Веќе долго време одиме по пат поплочен со бројни предизвици кои на моменти изгледаа и ненадминливи, направивме огромни чекори во европски дух, но препреките никако да изостанат. Иако немаме намера да се откажеме, мора да се направи јасна граница меѓу условите за почеток на преговорите и билатералните барања кои не се на линија на европските вредности. Долгочекуваниот и повеќе од заслужен официјален старт на нашиот европски пат, ќе претставува валидација на досегашниот активен ангажман на македонската страна и силен поттик за одржување на стабилноста и безбедноста, но и голем придонес за регионот што истовремено ќе внесе повеќе од потребна надеж за зачувување политиката на проширување на ЕУ“, изјави Димитров.

Министерот Ландсбергис го потврди одлучниот став на Литванија за продолжување со континуираната и видлива поддршка на нашата европска интеграција, што отвора и дополнителна можност за натамошно унапредување на билатералната соработка во областите од заемен интерес и споделување на искуствата од преговарачкиот процес. Соговорниците заеднички оцениле дека економската и инвестициска соработка се недоволно развиени со оглед на потенцијалот, поради што се потребни заеднички заложби за нивно продлабочување.

Пред литванските парламентарци, Димитров се осврнл и на конкретниот напредок во клучните реформски области од првиот кластер „Темели“ и цврстата решителност на Северна Македонија за зајакнување на институциите како еден од клучните чекори на нашиот пат кон ЕУ.

Литванските парламентарци го делат ставот дека неодложно е потребно постигнување на консензус за преговарачката рамка и што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, известуваат од неговиот кабинет.

По Рига и Вилнус, Димитров ќе ја заокружи балтичката турнеја со посетата на Талин, на 7 мај.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk