СРЕДБА ВО СОЛУН НА ШЕФОВИТЕ НА ДИПЛОМАТИИ НА МАКЕДОНИЈА, ГРЦИЈА, АЛБАНИЈА И БУГАРИЈА

Димитров и Коѕијас ќе помуабетат и во четири очи

Во пресрет на состаноците во Солун, Димитров порача идентитетските прашања да се извлечат од процесот на преговорите за името со Грција, со цел да може тој процес на зближување да продолжи и двете држави да имаат разбирање една за друга

По иницијатива на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас денеска и утре во Солун ќе се одржи средба на шефовите на дипломатиите на Грција, Македонија, Албанија и Бугарија. Веста која најпрво ја објавија грчките медиуми, ја потврди и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров. Тој истакна дека очекува и билатерална средба со Коѕијас.

Димитров во понеделникот во отчетот за 100-те дена од работата на Министерството, а во пресрет на состаноците во Солун, порача идентитетските прашања да се извлечат од процесот на преговорите за името со Грција, со цел да може тој процес на зближување да продолжи и двете држави да имаат разбирање една за друга. Димитров истакна дека преговорите не се почнати и дека во моментов се работи на исцртување на контурите на тој процес, на нивната форма, на датумот.

- Грција не може успешно да го затвори овој спор ако Македонија е понижена, тоа е апсолутно неспорно, дури и „победата" на Грција со ветото на Самитот на НАТО во 2008 година е пирова, бидејќи создаде контекст на еден сосед кој го загуби моралниот компас, си ја растресе својата демократија, стана произведувач на проблеми, кризи, рече Димитров.

Димитров истакна дека постои потреба од надминување на историјата, со цел работите да се придвижат во позитивна насока.

- Стравот и држењето во ровот на историјата ја ослабува Македонија, мора да си го фатиме возот, штитејќи си го сопственосто достоинство и идентитетот, рече шефот на дипломатијата.

Во врска со можноста за менување на учебниците по историја со цел да се спушти топката во односите со соседите, Димитров изјави дека е син на татко бегалец од Егејска Македонија.

- Татко ми е дојден во РМ по граѓанска војна во Грција во 1948 година. Не сум историчар, не сакам да одам поконкретно во однос на ова. Ако сакаме да ги отвориме односите, да отвориме поголем простор за соработка не знам зошто би имале страв да видиме каков е историскиот наратив во Грција за нас и каков е наративот кај нас за Грција, рече Димитров.

Средбата во Солун ќе биде втора од таков формат во рамки на напорите на грчката дипломатија за зајакнување на регионалната стабилност и трансграничната соработка меѓу соседните земји од јужниот дел на Балканот. Настанот ќе биде со поширок дневен ред и претставува продолжение на неодамнешните контакти на Коѕиас со неговите колеги од овие три земји за време на Генералното собрание на ОН од 18 до 22 септември во Њујорк, соопштија од грчкото МНР.

Целта на дипломатската средба е да биде потврдена институционалната соработка меѓу четирите земји, кои треба да решаваат безбедносни прашања и да се борат против екстремизмот, тероризмот и радикализација. Истовремено, овие земји беа соочени и со голема бегалска и мигрантска криза, чии последици се уште ги чувствуваат.

Поради тоа, министрите за надворешни работи ќе ги разгледаат можностите за подготвување заедничка позиција при решавање на тие прашања врз основа на европските вредности и добрососедските односи.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари