logo
logo
logo

Димитриевски: Потребна е суспензија на сегашниот ДУП бидејќи го загрозува јавниот интерес на гимназијата „Гоце Делчев“ и Здравствениот Дом во Куманово

Vecer | 06.06.2023

Димитриевски: Потребна е суспензија на сегашниот ДУП бидејќи го загрозува јавниот интерес на гимназијата „Гоце Делчев“ и Здравствениот Дом во Куманово

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, денеска на 25. седница на Советот на општината во однос на предлог-одлуката за суспензија од примена на деталниот урбанистички план за дел од Урбан блок 48 (дел 2) и за дел од У.Е „Б.С. Гојчо“, дел од Урбан блок 44 потенцираше дека овој детален ДУП го крши јавниот интерес на Општина Куманово и граѓаните, а од општината ќе се направи рашомонијада.

Димитриевски истакна дека овој детален урбанистички план којшто е на сила и којшто е денеска на разгледување пред советот го крши јавниот интерес на Општина Куманово и на граѓаните на општина Куманово.

„Ги сослушав сите дискусии внимателно, а исто така и од стручните служби и сакам во оваа прилика да се обидам да расчистам некои дилеми коишто постојат кај советниците иако искрено не очекувам дека ќе успеам да убедам некој поразлично бидејќи секој гледа овде дека под призмата за заштита на јавниот интерес и интересот на граѓаните во суштина се штити личен интерес на поединци во градот, поедини компании коишто прават профит итн. Но, за тоа јавноста нека цени. Првично, сакам да ве известам каде е дефиниран во законот јавниот интерес, бидејќи сите се повикуваат на јавниот интерес, да ви кажам дека тоа е дефинирано во член 4 и член 7 од Законот за експропријација. Јавниот интерес утврден со Закон за експопријација е уредување и рационално користење на просторот, заштита и унапредување на животната средина и природата во државата и во градот. Тоа ви е член 7 став 1, и дополнително имаме во став 8 дообјаснување на истиот тој јавен интерес. Кој е тој којшто цени на прва дали постои јавен интерес или не? Покрај стручните служби, покрај вештачењата кои можат да бидат изготвени, во овој случај е изготвено едно такво стручно вештачење од стручен вештак проф. д-р Мирослав Грчев. Значи, дополнително органите на управување и раководење во овој случај, органот на раководење на општината јас или дополнително органите на раководење на институциите коишто нас не имаат известено дека со донесениот детален урбанистички план во овој опфат се загрозува јавниот интерес на гимназија „Гоце Делчев“ кадешто учат над 1000 ученици, со дополнително известување дека доколку реализацијата на овој ДУП од страна на општината, бидејќи како што претходно посочи некој од советниците градоначалникот е должен за спроведување на одлуките на Советот и да затоа јас сум тука пред Советот со едно вакво барање да се суспендира еден ваков ДУП“, рече Димитриевски.

Тој посочи дека за истиот дополнително во фаза на негова реализација добил поголем број на дополнителни информации и укажувања од страна на надлежни институции во државата коишто ги опфаќа Законот за заштита на јавниот интерес.

„Сега ќе ве замолам да фрлите поглед на таа слика таму, значи целиот опфат е даден на приказ, левата страна кадешто пишува сенки од источно сонце. Црвениот објект, тука е објектот на здравствен дом Куманово на којшто му е загрозен јавниот интерес, замислете, па нема дневно светло. Одалеченоста на објектите на неколку метри, имаме само сообраќаен пристап решен од една страна којшто ќе треба во иднина општината да купува приватни дворови и да обезбедува пристап меѓу три станбени блока. Од јужната страна, станбениот блок којшто е лоциран наспроти гимназијата е станбен блок којшто ќе содржи повеќе од 400-тини станбени единици. Дополнително, останатите два ново планирани станбени блока коишто се планираат да се градат или едниот којшто е во постапка согласно предметот којшто го поднеле како барање во еурбанизам содржи 89 станбени блокови плус деловен простор. Дополнително, зад него станбениот блок исто така таков габарит претпоставувам со поголема катност уште поголем број на станбен простор. Тоа се некаде грубо пресметано над 550 нови станбени објекти. И сега јас како градоначалник седам и си поставувам прашање, на таа постоечка инфраструктура дали е возможно да се реализира вакво нешто, физичко е возможно доаѓате, копате, градите дупка, поставувате објекти, но дали е хумано како што тоа го дефинира законот? Не е хумано. Јас не сум експерт, ниту за осенчување, ниту пак за циркулација на воздух, тоа го прават други стручни лица кои прават вештачење за тоа. Но, направивме во нашето јавно претпријатие чисто една симулација на сенки. Значи, гимназија „Гоце Делчев“ не зборувам веќе за здравствениот дом, од сабајле од 10 часот па до заоѓање на сонцето во голема сенка. Претходно овој совет донесе одлука да се постават соларни панели со капацитет 40 мегавата на оваа институција и сега нивната функција утре ќе биде загрозена со ваквото поставување на овие објекти на оваа локација“, изјави Димитриевски.

Во неговото излагање, Димитриевски посочи дека за ова прашање е подготвен да го тера и до референдумско изјаснување на граѓаните на општина Куманово, бидејќи нема намера ниту да потпаѓа под туѓи влијанија, ниту пак да дозволи да биде предмет за обид за поткуп.

„Еден ден ќе има и таква разврска за овој случај, бидејќи имаше можност и потенцијални обиди за корупција, т.е за потплатување и подмитување уште во првата фаза кога беше носена одлуката од страна на советот кадешто се намалува процентот на коефициентот на искористеност на објектите како во овој случај од 50 на 30%. Јас не сакам да коментирам одлука на Уставен суд, но ќе споделам некои информации со вас и со јавноста. За првпат во историја на оваа општина поминале многу иницијативи за обжалување на постапки, па ние имавме една ваква одлука ако се сеќавате пред неполни 5 години, го намаливме процентот од 80 на 50% токму поради обидот да оние куќи на последната слика што ги гледате претпоследната три со плава боја се изгради една висококатница или зграда залепена до станбена куќа кадешто со таа одлука го спречивме тоа. И дополнително, Уставниот суд за истата одлука ја отфрли иницијативата за укинување на одлуката донесена од страна на советот. Видете сега правен преседан. За една иста одлука, расправа Уставниот суд повторно. Во итна постапка носи времена мерка, го запира дејствието на претходно донесената одлука пришто јас лично како градоначалник го имам тоа право, барам да искомуницирам со ново поставениот претседател на Уставен суд разговаравме телефонски, барав прием да и објаснам за состојбата и го дадов аргументот дека Уставниот суд веќе има расправано по таква одлука на што добив одговор од нејзина страна дека на неа судската пракса не и значи ништо. Тоа значи дека се кршат сите норми и правила во теоријата на правото бидејќи судската пракса претставува основен извор на право во недостаток на пишани акти коишто предвидуваат дополнително постапување. Второ, Уставниот суд навлезе во материјалниот дел на одлуката притоа негледајќи ги согласно неговата надлежност само процесните дејствија и постапките по однос на одлуката. Јас сметам дека во оваа држава тоа е исполитизирано тело коешто работи во интерес и под притисок на поединци“, потенцираше Димитриевски.

Согласно Законот за локална самоуправа и Законот за општа управна постапка, како што напомена Димитриевски е тој којшто е должен да го штити јавниот интерес во градот.

„Во овој случај се поставува дилема кај советниците дали е направен пропуст при донесење на деталниот урбанистички план. Она што јас како градоначалник го добив, како информација кога навлегов во материјалите на урбанистичкиот план по добивање на писменото укажување со барање за постапување од страна на двете институции гимназијата „Гоце Делчев“ и Здравствен дом Куманово, всушност прво поставив едно прашање, зошто е донесен ДУП-от и зошто имате дадено согласност на истиот. Овие две институции немаат дадено согласност. Дал согласност министер за образование во тој период, го знаете сите кој е, на некој во оваа сала ви е другар. А, Министерството за здравство воопшто не се има произнесено и имаме постапено согласно законот за администрација. Како тоа Министерство за образование ќе дава мислење и согласност за објект гимназија „Гоце Делчев“ без притоа да побара претходно мислење од оваа институција, чиј интерес се загрозува? Ние со овој ДУП првенствено целта и намерата е да се вцрта и урбанизира парцелата на гимназија „Гоце Делчев“ којашто ја гледате во деталниот урбанистички план кадешто е изразена со црвена боја за да се создадат услови да се гради училишна спортска сала. Но, очигледно некој бил над законот и како што оваа власт е над законот многупати. Џабе им е на тие министри што вртат телефони, јас од овде им порачувам јавно на сите - притисокот нема да помине, знаете под каков притиок беше изложен секој поединечен советник уште кога се гласаше одлуката. Тоа е инструментот на власта, бидејќи таму има многу илјадници квадрати, а во илјадници квадрати трансформирани во пари има многу пари. Тоа не го кажувам јас, тоа го кажуваат странските претставници дека Македонија е епицентар на корупција, има корупција. Да се навратам на согласноста на јавно претпријатие Водовод, еве јас не сум експерт, повторно ќе кажам, имаме цефка 30 сантиметри, треба да приклучиме во неа 4 нови станбени блокови со над 500 живеалишта“, рече Димитриевски.

Димитриевски информираше на следната седница на Комисија за урбанизам советниците да побараат од надлежните служби да добијат увид во сите детални уранистички планови кои се на сила и да размислат за кои треба да се направи суспензија и да направат измена на истите, во спротивно од Куманово ќе се направи рашомонијада.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk