Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски остро го критикуваше хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој, како што рече, ја обвини Софија за мешање во внатрешните работи на Северна Македонија, дека сака да и наштети и да ја понижи.

Џамбаски вели дека ова е уште една антибугарска кампања и намерна провокација, и тоа на прашање каде што не се потребни тензии.

Според Џамбаски, Милановиќ е загрижен поради барањата на Софија за промена на некои делови од историјата во македонските учебници, што е услов Бугарија да даде зелено светло и да овозможи отворање на преговорите за влез на официјално Скопје во ЕУ.

Осудувајќи ја изјавата на Милановиќ, Џамбаски вели дека хрватскиот претседател се меша во внатрешните работи на Бугарија, со најавата дека отворено ќе се спротивстави на бугарските услови за членство на Македонија во ЕУ.

„Шефот на хрватската држава е огорчен од фактот дека ваквите активности против РСМ доаѓаат од земја која е членка на ЕУ. Јас сум огорчен и од фактот дека една членка на ЕУ напаѓа друга и зазема силна страна во спорот во кој тој не е вмешан“, напиша Џамбаски.

Тој вели дека однесувањето на Милановиќ е неодговорно поради тврдењето дека Бугарија сака да и наштети на Македонија и да ја понижи.

„Морам уште еднаш да повторам … Нашата долгорочна битка е во учебниците што ги образуваат новите генерации во РСМ …“, напиша Џамбаски.

Вчера, за време на состанокот во рамките на процесот Брдо-Бриони на Брдо кај Крањ, Милановиќ рече дека не сите земји биле на исто ниво за време на преговорите за пристапување во ЕУ, а што се однесува до Северна Македонија, тој рече дека земјата е во невозможна позиција.

Тој рече дека се работи за некои услови што Бугарија и ги постави на Северна Македонија во напредната фаза на европскиот пат, и се однесува на содржината на некои учебници по историја.

makfax.com.mk