logo
logo
logo

Џафери нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да формира повеќе пратенички групи

Vecer | 28.04.2021

Џафери нема да дозволи ВМРО-ДПМНЕ да формира повеќе пратенички групи


Собранискиот спикер, Талат Џафери, на денешниот брифинг, посочувајќи го проблемот со кворумот и опструкциите од опозицијата, чии пратеници ја напуштаат салата кога треба да се гласаат законите, рече дека нема законска можност со која би ги задржал пратениците на седница. Тој посочи дека според собраниските анализи, во просек по 100 пратеници и повеќе се пријавуваат дека се присутни во Собранието, дел се појавува на почетокот на седницата, а добар дел ја напушта. Механизмот за казна на пратеник со 5 % од плата може да се примени само доколку пратеникот трипати последователно не го известил спикерот дека е спречен да дојде на седницата.

„Тие доаѓаат, тука се во Собранието, се потпишуваат како присутни, еве за илустрација, имаме во април пријавени 87, 96, 105 пратеници за седници што сум ги закажал, но подоцна кога треба да се гласа, од опозицијата кога ќе пресметаат дека во салата нема 61 пратеник од мнозинството, напуштаат и се доведува во прашање кворумот. Од друга страна, пратеникот што дошол на седница и се потпишал на листата за присутни има право на патни трошоци ако е надвор од Скопје. Е, сега, дали тој влегол и излегол од седницата и си бркал партиски работи, не знам, ама тоа право не му е ограничено. Затоа и голем број седници се почнати, заглавени и недовршени. За илустрација, 18. седница, почната на 20.10. 2020 година, конечно ја завршивме овој месец. Граѓаните што ги гласале, единствено може да им судат за сработеното, јас не можам да ги присилам со ништо да учествуваат во работата на Собранието ако решиле да блокираат“, рече Џафери на брифингот со новинарите.

Според анализата на Кабинетот на претседателот на Собранието, која беше доставена до новинарите, вкупно 27 закони за кои е почната процедурата се блокирани со амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ или Алијансата за Албанците, а дел и од Левицата. Во однос на пршањето дека за повеќето од нив беше соопштено дека има договор по средбата Мицкоски – Заев, Џафери рече:

„Ако се договориле, дај да работиме. Знаеме дека постигнаа решение за деблокирање, но во пракса не е така, координаторите на партиите не доаѓаат на договорните консултации, потоа влегуваат во сала и уште не е прочитан дневниот ред, се редат барања за процедурално. Ако има договор, работата ќе тече како треба, а не со часови да не можам да отворам дебата за точките. Од законите што се на листата, кои беа вкупно 36, за 9 се повлечени амандманите, а преостанатите уште се блокирани. Не можам да ставам закон на дневен ред доколку не поминал кај матичните комисии. Не може да се работи по закон за кој има 1.000 амандмани, колку денови ќе трае таа комисиска распарава, до бескрај, нели?!“, објасни Џафери.

Што се однесува до најавата за формирање повеќе пратенички групи од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Џафери рече дека нема да го дозволи тоа затоа што нема правен основ.

Информира и дека вакцинта „спутник В“ ја примиле 88 пратеници, а терминот за втората доза е 14 мај. Речиси 200 вработени во собраниските служби се вакцинирани, а се очекува набргу да бидат имунизирани и припадници на внатрешното обезбедување и вработените од СОЗР, кои се распоредени на работа во зградата на Собранието.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk