logo
logo
logo

ДЕНЕС ОДЛУКА: УКИНУВАЊЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС?!

Vecer | 15.06.2021

ДЕНЕС ОДЛУКА: УКИНУВАЊЕ НА ПОЛИЦИСКИОТ ЧАС?!

На денешната 79-тата седница Владата на Република Северна Македонија ќе решава по најновиот предлог на Комисијата за заразни болести, која смета дека од утре треба целосно да се укине полицискиот час, како и  ограничувањето од максимум 100 гости на свадби и прослави. Потоа да се дозволи и организација на настани, концерти и забави во клубовите и локалите само на отворено, со капацитет до максимум 50 отсто од објектот и не повеќе од 1000 лица.

Министерството за здравство соопшти дека епидемиолошката состојба е стабилна и ја дозволува ваквата одлука.

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, регистрирани се четири нови случаи со Ковид-19, еден починат и 14 оздравени пациенти.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.540, бројката на оздравени пациенти е 149.642, на починати е 5.472, а на активни случаи изнесува 426 од кои 183 се во Скопје.

На инфективните одделенија во државава се лекуваат вкупно 99 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот, од кои 34 се во Скопје. Поради намалениот број болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

Вакцинацијата против Ковид-19 се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Според податоците на веб страницата kovid19vakcinacija.mk , досега во државава се вакцинирале 256.149 граѓани. Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 449.456 граѓани.

Од Министерството за здравство информираа дека вчера во земјава пристигнале 12 870 дози од вакцината „Фајзер“ од редовната пратка која ја добиваме секој понеделник, од кои 8190 дози се од билатералниот договор со производителот „Фајзер“, а 4680 се во рамките на програмата „Тим Европа“ (Team Europe). Во земјава денеска се очекува да пристигнат и 20 000 вакцини на „Астра Зенека“, донација од Грција.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk