logo
logo
logo

Демерџиев во Скопје на средба со министерот Спасовски

Vecer | 30.01.2023

Демерџиев во Скопје на средба со министерот Спасовски

Вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев со придружна делегација, денеска, ќе престојува во работна посета на Северна Македонија во рамки на која ќе се сретне со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. На средбата се очекува да се разговара за активностите што треба да се преземат по повод претстојното чествување на 4 февруари – денот на роденденот на Гоце Делчев. И бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков вчера во интервју за Бугарската национална телевизија потврди дека денеска во Скопје ќе допатуваат министерот Демерџиев и директорот на ДАНС Пламен Тончев и дека ќе се разговара за конкретните чекори што треба да се преземат по повод чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Како што соопшти МВР, изјави не се предвидени, а на крајот од официјалната средба ќе биде објавено соопштение за медиумите. Посетата на Дерменџиев беше најавена во петокот, по телефонскиот разговор на премиерите на Бугарија и на Северна Македонија, Галаб Донев и Димитар Ковачевски, посветен на актуелните случувања во односите меѓу двете земји. Прес-службите на двете Влади соопштија дека двајцата премиери разговарале за потребата претстојните празнувања на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, да се одвиваат мирно и непречено. По седницата на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, минатата недела, шефот на државата Стево Пендаровски на прес – конференција изјави дека според сите проценки одбележувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев – 4 февруари, ќе биде настан од висок безбедносен ризик. Најави дека ќе бидат преземени сите потребни безбедносни мерки за да има мирно и достоинствено одбележување на 151-годишнината од раѓањето на Делчев. И премиерот Димитар Ковачевски, минатата недела од собранската говорница изјави дека Министерството за внатрешни работи е задолжено да организира мирно чествување и дека за таа цел МВР веќе ги презема потребните активности.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk