Тепачка помеѓу две семејства во Ѓорче, пукано во 25-годишно момче. Загинало момче кај Делчево. Повреден мотоциклист на патот Кичево – Охрид. Тепачка меѓу затвореници во Идризово. ДУИ во Липково ќе слави 20 години од воениот конфликт, пишува адвокатот Звонко Давидовиќ за Фокус.

Ова е само мал дел од вестите што ги пренесоа порталите за Велигден. Наместо празнување и почитување на основните христијански правила, наместо мир, сочувствување, љубов, на секој чекор насилство и несреќи, славење настани, кои не служат никому на чест. До пред само три и пол децении, што не е некој голем временски период, вестите беа многу поинакви, затоа што луѓето се однесуваа поинаку и имаа други морални и животни вредности.

НАМЕТНАТ НАЦИОНАЛИЗАМ

Тогашните вести зборуваа за постигнувањата и достигнувањата на луѓето, за настани и манифестации, кои значеа нешто и со кои се гордеевме. Луѓето и тогаш различно размислуваа и различно гледаа на работите, различно ги вреднуваа, но за тоа дискутираа, ги спротивставуваа ставовите, не се плукаа поради разликите, не се навредуваа, тепаа и прогласуваа за предавници.

Мигот кога политичарите успеаја да го наметнат национализмот и шовинизмот како највисоки вредности за кои народот треба да се бори и гине, а тие да го наполнат својот џеб и да владеат со парченце земја како феудалци, се развиорија воените знамиња, заѕвечкаа оружјата, националистичките аспирации избија на површина и почна крвопролевањето, уривање и пустошење без памет и потреба, без каква било логика и цел.

Победник немаше, сите беа губитници и тоа многу добро се виде и се почувствува години подоцна. Никому не беше подобро, освен на поединци, кои се збогатија на туѓата несреќа и оние што застанаа на чело на државичките, кои сè повеќе личат на држави од Африка, како да не се наоѓаат во Европа.

Настапи мир, кој никому не донесе олеснување, но вистинскиот спокој никогаш не се врати во луѓето. Разурнатите куќи, згради, мостови и патишта се поправија и наново се изградија, но не и душите на луѓето и нивните вредности. Животот и човечките вредности се сменија, хуманизмот го замени себичноста, егоизмот и омразата, почитувањето го замени плукањето, човечките вредности материјализмот и хохштаплерство.

ТЕЛЕФОНСКИ ЗОМБИ

Луѓето се поделија и осамија, отуѓеноста стана нормална состојба, а дијалогот го замени плукање и навредување, аргументите ги заменија лагите и измислиците. Луѓето престанаа да комуницираат, нивниот разговор сè повеќе личи на два монолога, во кои никој никого не слуша. Станавме телефонски зомбија, кои не мислат со своја глава, туку со интернетот и со лајковите.

Вистина ни станаа билбордите и партиските соопштенија, храброст ни станаа подвали и ујдурми, сите порази ги прогласивме за победи. Се откажавме од вистинските херои, а ги воскреснавме ситните души и историските пигмејци, за патриоти се прогласија сите мрачни души. Ги исмеавме сите доблести и вредности, се храниме со лаги и завист, а лоповлукот стана мерило за успех.

Најнеспособните и порочни ја водат државата, најсветлите делови на историјата ги преправаат и фалсификуваат, најсветите работи ги издаваат и ги продаваат. Ги замолкнаа и разделија луѓето, интелектуалците станаа тезгароши, најспособните ги маргинализираа, младината ја иселија.

Реформите се спроведуваат само во интервјуа, демократијата стана само парола на изборите, еднаквоста само збор, правдата паричка за пресметка и поткусурување. Со такви вредности и ментален склоп, никогаш нема да бидеме модерно општество и вистинска држава, туку секогаш ќе наликуваме на мочуриште и матна вода, а веќе децении живееме, така како да сме во бара со матна вода и така и се однесуваме.

А, во матната вода сешто се раѓа од итрата мрена и глупавиот смуѓ, карас и бандар, лопов и жандар и риби што живеат на сметка туѓа. Кој живее во матните води мора сите трикови да ги знае, во матните води на многумина им годи особено на оние од врвот и дното. (Балашевиќ)