logo
logo
logo

Давидовиќ: Синдроми се делат како бонбони

Vecer | 01.02.2021

Давидовиќ: Синдроми се делат како бонбони

Тоа што не го гледаме вентилирањето и реформите во судството, што нема видливи резултати, што состојбите се исти како и пред неколку години, што е сè партизирано и се вработуваат исклучиво партиски кадри (од зоолошка градина до национални паркови), тоа не е до владата и до политиката, туку до нас луѓето, народот.

Жал ми е, што во една од моите претходни колумни, веќе го употребив насловот „Ма људи, јели ово могуќе? Лудница, шта је ово?“ затоа што она што овие два дена се случува, личи навистина на лудница, и тоа затворено одделение. Покрај тоа, почнаа политичарите, и домашните и странските, да припишуваат и различни оболувања и синдроми од кои страда народот во сопствената или туѓата држава.

Нашата влада ни припишува синдром на Алиса во земјата на чудата, познат и како „Todd Syndrome“, кој претставува состојба на дезориентација, која ја погодува перцепцијата на некоја личност, правејќи некои работи да ги гледаме поголеми или помали од тоа што се реално. Така сите ние имаме синдром на Алиса во земјата на чудата кога ја гледаме корупцијата и 111-то место во борбата против неа. Со други зборови, ние имаме погрешна перцепција дека постои кај нас корупција и дека е раширена, а истата, воопшто, ја нема или е искоренета со процесот на вентилирање.

ВИЗУЕЛНА АГНОЗИЈА

„Имаме и решителност, и храброст, и план и знаење како да се справуваме со корупцијата и криминалот. Без разлика што намалувањето на перцепцијата за корупцијата е процес побавен од фактичкото намалување, уверуваме дека ќе се менува перцепцијата кај граѓаните, со секоја следна судска одлука, со секоја следна фаза од прочистувањето, кое почна и кое покажува видливи резултати“, изјавува претставникот на владата.

Тоа што не го гледаме вентилирањето и реформите во судството, што нема видливи резултати, што состојбите се исти како и пред неколку години, што е сè партизирано и се вработуваат исклучиво партиски кадри (од Зоолошка градина до национални паркови), тоа не е до владата и до политиката, туку до нас луѓето, народот.

Страдаме од синдром на визуелна агнозија. Тоа е состојба опишана во психијатриската литература, во која врската меѓу она што пациентот го гледа и она што тоа претставува не е точна, така што личноста прекинува да го поврзува точното значење со објектот што го гледа. Тоа може да доведе до тоа некој да верува, гледајќи стол дека гледа топка.

Пациентите го мешаат она што го гледаат и она што мислат дека го гледаат, така што можат да заменат кукла со куче, а во нашиот случај, ние гледаме дека состојбата во општеството е никаква и иста ако не и уште полоша, ама поради синдромот (болеста) сме во заблуда и не гледаме дека општеството цвета. Реформите во судството поради синдромот не ги гледаме, чесноста сме ја измешале со корупцијата, омразата треба да ја гледаме како доблест, лудилото како памет, злосторот како правдина, со други зборови и видот и мозокот нè лажат.

СТОКХОЛМСКИ СИНДРОМ

Оној, пак, од Бугарија ни детектираше и стокхолмски синдром. Синдром до синдром го поплавил и преплавил овој народ, па во комбинација и со ковид-вирусот, ниту знаеме кои сме и што сме, ниту гледаме и слушаме како треба, ниту јазикот на кој зборуваме знаеме кој е и каков е. Окупација и фашизам мешаме со администрирање, за Жинзифов, Делчев, Сандански, Кирил и Методиј имаме погрешна перцепција и најважно од сè, не ја препознаваме блгарската љубов и грижа за нас и кон нас.

А, таа „љубов“ која ги обединила блгарските политиканти е гола омраза спрема „сичкото“ што не е нивно, е шовинизам и не е синдром, туку состојба на умот и карактерна особина. Зборуваат тие исти блгарски политиканти веќе месеци ѝ даваат оценки за Тито, Жинзифов, Делчев, Сандански, зборуваат за нивната голема и богата, ама во суштина зборуваат со омраза и од омраза, секогаш тежнеејќи да присвојат, омаловажат, негираат и особено да ја прекројат и историјата и границите и да го сокријат својот срам и нечесното место во историјата.

Своите окупаторски и фашистички претензии ги прикажуваат како администрирање, љубовта ја условуваат со вакцини, припишуваат стокхолмски синдром, а не гледаат дека нивната „љубов“ е во суштина омраза кон сето она што не е нивно. Шовинизмот кој зборува од нив повеќе од сè зборува за нив и за нивниот ментален склоп и како вистински шовинисти, не само што ја мразат секоја различност во другата нација, туку на другиот му ја припишуваат сопствената омраза.

Таквите ликови, кои имаат секогаш ист одговор на сите прашања и кои слепо веруваат во своите неаргументирани стојалишта, немаат способност за рефлексија. Тие се слепо субјективни и го отфрлаат секој аргумент и рационална расправа и секогаш сè знаат, а сè што е спротивно на нивниот став го сметаат за глупост или навреда. Тоа нив ги прави неумни креатури, жестоки догмати и лоши луѓе, бидејќи што е полош човекот, тоа е пожесток догмат.

Време е да почнеме повеќе да се цениме самите себеси како луѓе и да престанеме да молчиме, не затоа што со зборувањето нешто ќе смениме, но секако ќе покажеме дека на политикантските будалштини не им веруваме и дека префрлањето вина и заболеност не поминува повеќе и не е проблемот во народот, туку во умислената политичка авангарда. Впрочем, рибата од глава смрди.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk