logo
logo
logo

ДАЛИ СКОПЈАНИ ЌЕ МРЗНАТ? БЕГ: Немаме обврска ни можност да продолжиме со грејната сезона

Vecer | 26.09.2022

ДАЛИ СКОПЈАНИ ЌЕ МРЗНАТ? БЕГ: Немаме обврска ни можност да продолжиме со грејната сезона

Спротивно на изјавите на властите, БЕГ тврди дека нема обврска, но и можност да ги снабдува скопјани со топлинска енергија се додека дејноста не ја преземе нов носител на лиценцата. 

Балкан Енерџи Груп БЕГ – Производство нема правен основ да располага со топланите, нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија, велат тие.  

Од компанијата наведуваат дека согласно со член 51 од Законот за енергетика имале законска обврска да продолжат да ја извршуваат дејноста, до истекот на рокот од 90 дена за избор на нов вршител на дејноста, кој е веќе истечен. Во овој период, посочуават, БЕГ Производство продолжи да ја врши дејноста и ги заврши сите неопходни ремонтни активности во топланите се со цел новиот носител на лиценца да може непречено да ја започне новата грејна сезона. 

-БЕГ Производство нема правна основа за користење на топланите, бидејќи Договорот за закуп е раскинат и новиот сопственик на топланите побара примопредавање на истите. Дополнително, компанијата е финансиски неспособна за вршење на дејноста, поради големите загуби остварени во претходната грејна сезона како резултат на неколкукратно зголемените трошоци за набавка на енергенси и електрична енергија кои не беа покриени со одобрените тарифи од Регулаторна комисија за енергетика. Заради овие причини на 09.06.2022 год. 

 БЕГ – Производство до РКЕ поднесе барање за престанок на лиценцата се со цел навремено и непречено да се избере нов носител на лиценца за вршење на дејноста производство на топлинска енергија за новата грејна сезона. На 20.06.2022 год. РКЕ донесе решение за престанок на лиценцата на БЕГ – Производство, стои во соопштението. 

Во врска со договорот за деловно – техничка соработка помеѓу БЕГ – Производство и АД ЕСМ наведуваат дека неговата важност била до 31 март годинава, односно е е истечен. 

-Од погоре наведеното очигледно е дека БЕГ – Производство нема правен основ да располага со топланите, нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија, велат од БЕГ Производство. 

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи викендот изјави дека се додека не се избере економски оператор, БЕГ мора да испорачува топлинска енергија. Согласно законот, како што посочи Битиќи, БЕГ мора да има и резерви на гас и други суровини за да обезбеди топлинска енергија. 

Во јуни годинава, РКЕ донесе одлуки со кои престанаа да важат одлуките за издавање лиценца за вршење енергетска дејност снабдување, односно дистрибуција на топлинска енергија на компанијата БЕГ, Владата објави јавни повици за избор на вршители за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. 

Јавното отворање на понудите на повиците за избор на компанија која ќе произведува, дистрибуира и ќе ги снабдува со топлинска енергија потрошувачите на дел од градот Скопје се одржа на 13 септември. Беа доставени понуди од од ЕСМ ПРОИЗВОДСТВО НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје, ЕСМ ДИСТРИБУЦИЈА НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје и ЕСМ СНАБДУВАЊЕ СО ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје, трите претпоријатија што беа формирани по одземањето на лиценците на БЕГ. 

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk