logo
logo
logo

Д-р Петличковски: НЕ Е ВРЕМЕ ЗА ОЛАБАВУВАЊЕ

Vecer | 20.01.2022

Д-р Петличковски: НЕ Е ВРЕМЕ ЗА ОЛАБАВУВАЊЕ

Д-р Александар Петличковски во гостување во Тема на денот на Сител во врска со тоа дали може да се очекува зголемен број хоспитализации, рече дека омикрон е детектиран пред две недели, но оти веројатно и некое време пред тие две недели бил присутен.

Се очекува да има зголемен наплив на хоспитализирани затоа што имаме многу голем број позитивни луѓе. Инаку релативно и бројот на смртни случаи и бројот на хоспитализации е значително подобар кога ќе го споредиме со делта сојот. Но, повторно да не се залажуваме, има луѓе кои умираат после инфекција со омикрон сојот. Препораките на СЗО се во таа насока, пандемијата се уште не е завршена и Ковид се уште е тешка болест. Затоа не е време за олабавување. Кога ќе ги погледнеме искуствата од земјите во Западна Европа гледаме дека овој бран трае кратко и последиците кои ги остава не се така страшни како претходно, потенцира д-р Петличковски.

Вели дека е изненадување за науката тоа што лица кои веќе прележале, повторно се заразуваат.

Не очекувавме вакцините да траат толку кратко, имунитетот да отвора простор за нови инфекции. Не можеме да кажеме дека траат многу кратко бидејќи оваа лесна слика повторно може да е резултат и на претходната имунизација. Ние две години живееме со пандемијата и не сме на истата стартна позиција како пред две години. Овој имунитет кој глобално сме го стекнале и со прележување на болеста и со вакцинација има резултат и можеби дел од овие благи клинички слики се должат и на тоа. Овој вирус е изменет во однос на претходните и тие измени му даваат простор да може да ги избегне имуните механизми, но повторно сите статистики во светот укажуваат дека клучната придобивка од вакцинацијата, спасување живот и заштита од тешка болест е евидентна во над 90 проценти од случаите, рече д-р Петличковски.

Во врска со податоците на Институтот за јавно здравје дека седум лица по трет пат се заразиле со Ковид-19, истакна дека не е невозможно вирусот да се најде во носот на некоја индивидуа и при тестирање да се покаже позитивен резултат, но тоа не значи дека таа личност е болна.

Носењето на вирусот не треба да се поистоветува со болест, така што за овие по трет пат заразувања треба многу лабораториска работа за да се потврди реално дека се работи за класични инфекции по трет пат. Кај нас не е потврдено такво нешто во лаборатории и не знам во светот дали има потврда за некој кој три пати прележал коронавирус, рече д-р Петличковски.

Посочи дека не е исклучено човек да биде позитивен и на едната и на другата варијанта на Ковид-19. Според него, се работи и на нови варијанти на вакцините кои се очекуваат да бидат подготвени во март и кои ќе бидат многу специфични за омикрон. За третата доза вакцини, рече дека постојат сериозни научни податоци кои покажуваат дека со неа се подобрува ефикасноста.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk