logo
logo
logo

Црн Дрим светна: Атракцијата на Мерко ПУКА ОД РОМАНТИКА

Vecer | 22.06.2021

Црн Дрим светна: Атракцијата на Мерко ПУКА ОД РОМАНТИКА

Со огномет, синоќа свечено беше пуштено осветлувањето на реката Црн Дрим. Осветлувањето официјално го пушти струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Најновиот проект на општина Струга кој чинеше 110.000 евра го обои Дрим во повеќе бои, во сина, зелена, виолетова …

– Должината на коритото е 900 метри, додека арматурата за осветлување беше поставена од двете страни на коритото со должина од 1.800 метри. Исполнувајќи ги сите архитектонски барања, осветлувањето на речното корито се реализира во согласност со регулативата на нормативните технички стандарди. Проектот вклучува инсталација на арматура изработена од не’рѓосувачки челик – соопшти Општина Струга.

Осветлувањето на реката Црн Дрим во Струга,  предизвика бурни реакции во јавноста. Екологистите обвинуваат за негрижа и опасност за живиот свет во реката, а градоначалникот Рамиз Мерко тврди дека осветлувањето не е штетно за флората и фауната, проектот бил вистинска атракција која ќе привлекува туристи.

„Нема место за критики од страна на екологистите бидејќи осветлувањето воопшто не ја уништува флората и фауната, напротив уште подобро ќе изгледа како аквариум. Тоа ќе биде навистина добро за нас и за гостите кои се во Струга“, вели Мерко.

Тој им порача на сите кои го критикувале проектот да уживаат во убавата глетка која, според него, го менува ликот на градот.

„Сите тие требаше претходно да се интересираат и да кренат глас за чистење на ова корито кое не личеше на река туку личеше на канал. Во октомври го исчистивме целиот тој муљ кој беше со дебелина од поливина до метар и пол на одредени места така што се создадоа услови да имплементираме еден проект кој му дава нов лик на градот. Дрим заслужува и ноќе да биде осветлен бидејќи тука доаѓаат многу гости, тука сме и ние стружани кои навистина се гордееме и со Езерото и со Дрим. Ова е уште една атракција за привлекување туристи“, рече Мерко потенцирајќи дека осветлувањето се реализира согласно регулативата за нормативно-техничките стандарди, а проектот вклучува инсталација на арматура, изработена од нерѓосувачки челик отпорен на корозија.

„Изведувачот многу одговорно има потврдено дека во никој случај нема да има проблеми или дека струјата која е во овие сијалици од 12 волти ќе има негативни последици за луѓето“, вели Мерко.

Изминатите денови во јавноста ваквиот потег предизвика бурни реакции, а некои предупредуваат дека осветлувањето на реката штетно влијае на живиот свет во водата.

„Естетски ова е одвратно. Еден значаен речен екосистем личи на базен во хотел во Саранда, од каде е и инспирано ова. Осветлувањето на речните води, го менува циркадијалниот ритам на живиот свет, се губи чуството за ден и ноќ. Дополнителното осветлување го зголемува или изменува циклусот на раст на водните алги, што влијае врз квалитетот на водата во реката. Светлината го нарушува животот на рибите особено чуство за ориентација, комуникација и растење. Осветлувањето ја зголемува температурата на реката. Загадувањето со светлина значително го намалува живиот свет во градските средини, со што го спречува нивното хранење, размножување и движење“, се дел од реакциите на екологистите.

Од Хидробиолошкиот институт велат дека Општина Струга од нив не побарала мислење дали ваквото освелување е штетно за живиот свет во реката.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk