Од научната конференција "Современи аспекти на циркуларната економија" на ЕУРМ

Циркуларна економија - можност да се редефинира улогата на маркетингот

На меѓународна научна конференција "Современи аспекти на циркуларната економија" беше презентиран научниот труд "Циркуларна економија - можност да се редефинира улогата на маркетингот" на м-р асистент Верица Најдовска од Факултетот за економски науки при ЕУРМ

М-р асистент Верица Најдовска во својот труд се осврнува на транзицијата од линеарна кон циркуларна економија којашто "бара" од потрошувачите да го променат своето однесување и став кон користењето на производите, рециклирањето и сервисирањето на самите производи со цел да им се продолжи животниот век. Токму затоа се потребни рекламните агенции и маркетинг тимовите кои на креативен начин ќе ја разбудат свеста за потребата од чување на животната средина, односно ќе креираат визија за користа од циркуларната економија. Ваквите промени претставуваат можност да се редефинира улогата на маркетингот.

- Недостигот од природни ресурси, но и зголемената побарувачка на производи ја наметнува потребата од транзиција на линеарната кон циркуларната економија. Тоа значи транзиција од доминантниот линеарен модел на производство-потрошувачка, каде што основната идејата е да се продаде колку што е можно повеќе и да се произведат производи од суровини по ниски трошоци кон "циркуларен" модел каде што потрошувачката е "заедничка", производите се дизајнирани така што нивниот животен век се максимизира, а "отпадот# станува ресурс. Концептот на "циркуларната економија" не се обидува само да го направи постојниот производствен процес поефикасен туку и ги редефинира бизнис-моделите со цел да се произведуваат производи кои можат да бидат рециклирани и повторни искористени како ресурс, вели м-р Најдовска.

Таа вели дека концептот на циркуларната економија добива големо внимание и е предмет на бројни анализи, дискусии и дебати како во бизнис така и во политичките кругови. Ваквата тенденција е разбирлива, особено ако се има предвид фактот дека по индустриската револуција економиите станаа зависни од природните ресурси со цел да се оствари економски раст и развој, како и подигање на животниот стандард. Но, со текот на времето овие ресурси стануваат се поретки и поскапи, а нивната прекумерна експлоатација има негативно влијание врз животната средина. Оттаму се наметнува потребата од изнаоѓање на нови алтернативни ресурси кои од една страна ќе овозможат одржлив економски развој, ќе креираат нови работни места и ќе ја подобрат конкурентноста на производите на пазарот, но од друга страна ќе овозможат чиста и здрава животна средина.

- Моделот на линеарната економија во голема мера се базира на искористување на ресурсите. Се проценува дека во Европа 90 отсто од суровините при производство стануваат отпад уште пред производот да ја напушти фабриката, додека 80 отсто од готовите производи се фрлаат во првите шест месеци од нивното производство. Спротивно на тоа, моделот на циркуларната економија се заснова на долговечност, обновливост, повторна употреба, сервисирање, надградба, реновирање, делење на капацитет и дематеријализација. Овој концепт не само што се однесува на мудро и правилно искористување на ресурсите и намалување на отпадот, туку води и кон едно поинакво општество, социјално одговорно и еколошки балансирано, објаснува Најдовска во својот труд.

Според неа, преку концептот на циркуларна економија се настојува да се намали создавањето на отпад, негова употреба по пат на рециклирање и создавање на нов производ или енергија од самиот отпад. Овој концепт е насочен кон заштеда на ресурси, енергија, создава дополнителна вредност, поздрава и почиста животна средина, нови работни места, зголемен профит, односно води кон постигнување на одржлив развој.

- Транзицијата од линеарна кон циркуларна економија носи предизвици вклучувајќи го внатрешното деловно преструктурирање, креирање и имплементирање на нови бизнис-модели и практики, ажурирање на застарените јавни политики и практики, но и едукација на потрошувачите за придобивките од циркуларната економија. Транзицијата од линеарна кон циркуларна економија подразбира потрошувачите да го променат своето однесување и став кон користењето на производите, рециклирањето и сервисирањето на самите производи со цел да им се продолжат животниот век. Трансформирањето на потрошувачката на купувачите од линеарна кон циркуларна економија не може да се случи без ангажирани, мотивирани и поттикнати потрошувачи, се вели во трудот "Циркуларна економија - можност да се редефинира улогата на маркетингот".

Таа заклучува дека бизнис-моделите кои функционираат според принципите на циркуларната економија треба да ги реализираат бизнис-целите, да водат сметка за заштита на животната средина, но воедно да ги задоволат потребите, вкусовите и желбите на потрошувачите. Постојат бројни примери на маркетинг иницијативи и кампањи од страна на познати брендови со цел да се подигне свеста за придобивките од циркуларната економија. Визуелизирањето на користа од новите бизнис-модели е, секако, важен чекор при транзицијата. Ако не можеме да им помогнеме на потрошувачите да ја увидат користа од циркуларната економија нема да успееме да создадеме импулс кој е потребен за циркуларната економија да стане реалност.

Поврзани

Најнови вести

Коментари