ОД МЕЃУНАРОДНАТА НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ЕУРМ

Човековата безбедност во современиот свет

Безбедноста повеќе не се дефинира според традиционалниот концепт како национална или државна безбедност, која се грижи исклучиво за безбедноста на државата, туку како демократска безбедност во чиј центар е човековата безбедност", вели д-р Оливер Андонов во својот научен труд

Ангажманот на д-р Оливер Андонов на ЕУРМ започна во 2009 година како асистент по предметите "Обука во стрелање со лично оружје" и "Разрешување на конфликти". Изборот на овие предмети како што вели Андонов, се должи пред се на неговото искуство во практичната воена обука, особено во ракувањето со лично вооружување, а како резултат на неговата долгогодишна работа во армијата и полицијата.

"Денес овој ангажман е проширен со мое ангажирање како наставник под менторство и по предметот "Детективска тактика во летни услови". Овој предмет за прв пат се изведува со летниот семестар и програмата која ја подготвив предвидува теориска и во поголем дел практична обука на студентите во основите при заштита од пожари, прва помош при труења, каснувања од змија, изгореници, сончаници, топлотни удари, струјни удари и давење, како и основи од преживување во природа и секако како најзначаен дел ориентацијата и движењето во природа, особено на непознато земјиште", вели Андонов. Андонов е ангажиран и по предметот "Обука во стрелање со лично оружје-2". Во рамките на овој предмет студентите се обучуваат за практична употреба и ракување со огнено оружје.

"Покрај практичната обука во наведените предмети, во текот на зимскиот семестар наставата и вежбите по предметот "Разрешување на конфликти", поттикнуваат интерес кај студентите, како мултидисциплинарни студии кои ги интригираат студентите да стекнат знаење од повеќе области неопходни за идентификација и препознавање на конфликтите и можностите за нивно разрешување на повеќе нивоа", додава Андонов кој е доктор по мир и развој.

Андонов магистрирал во 2007 година на темата "Етнополитичката мобилизација и нејзиното влијание врз конфликтниот процес во Република Македонија". Докторатот, пак, е на тема "Моделот за рано предупредување на Европската унија и неговото влијание врз безбедносната политика на Република Македонија".

Современиот безбедносен концепт
Научниот труд којшто д-р Андонов го презентираше на дводневната меѓународна конференција која се одржа на Европскиот универзитет РМ носи наслов "Човековата безбедност во новиот концепт на безбедност". За трудот Андонов потенцира: "Се работи за прегледен труд, бидејќи во него не се претставени научни истражувања, туку е направена анализа на теорискиот модел на човековата безбедност во однос на современиот безбедносен концепт. Современиот безбедносен концепт претставува нова безбедносна парадигма и со тоа ја промовира таканаречената демократска безбедност. Безбедноста повеќе не се дефинира според традиционалниот концепт како национална или државна безбедност, која се грижи исклучиво за безбедноста на државата, туку се дефинира како демократска безбедност во чиј центар е човековата безбедност".
Според д-р Андонов, тоа се должи пред се на осознавањето во науката дека суверенитетот на државите произлегува од нејзините граѓани.

Потреба од научни тестирања
Во насока на претходно кажаното Андонов додава: "Доколку граѓаните не се безбедни тогаш не можеме да зборуваме за безбедност на државата. Покрај тоа новата безбедносна рамка својот развој и проширување го должи на новите извори на загрозување на безбедноста, а како резултат на намалување на воените загрозувања, засилувањето на економските, социјалните, еколошките и политичките загрозувања на безбедноста".

Ова како што вели, е пред се теориски концепт на современата безбедност која во себе ги опфаќа и состојбата на конфликтите во општеството и загрозувањето на мирот што се одразува врз човековата безбедност.

"Сепак тестирањето на овие теориски поставки во однос на мојот труд е изоставено од едноставна причина што спроведувањето на едно такво социолошко-теренско истражување бара многу поголем и долготраен ангажман за кој, пред се, се потребни финансиски средства. Така, трудот се ограничува на забелешките во однос на теорискиот модел и современиот безбедносен концепт, компаративно изнесувајќи ги развојните компоненти и основите на теорискиот модел кои може да се употребат како основ за спроведување на истражувачки проект. Токму укажувањето на потребата за научно тестирање на човековата безбедност во Република Македонија е основата на научниот придонес на овој труд. Вториот научен придонес е воспоставениот теориски модел кој дава можност за спроведување на научно-истражувачки проект", вели Андонов.

Конференциите - пракса која треба да продолжи
За научните конференции, д-р Андонов смета дека имаат голем придонес за развојот на научната мисла во Република Македонија.
"На конференциите се добива убава можност за размена на научните сознанија во определената научна област. Дури и согледување на можностите за поврзување на повеќе научни области во еден непосреден општествен феномен кој го оптоварува општеството. Овие научни конференции се неопходни во научната дејност која е основ на ЕУРМ и од каде може да произлезат конкретни општествени цели и препораки за институциите на државата. Оваа убава пракса треба да продолжи, но пред се, да се развива во однос на поддршката од надлежните институции за спроведување на истражувачките проекти кои ќе овозможат тестирање на теориските модели и ќе дадат показатели за можноста од практичната примена на теоријата. Ова е значајно во рамките на безбедносните закани по Република Македонија кои не можеме да ги ограничиме исклучиво на воените закани според традиционалната безбедносна парадигма".

Бројни извори и закани по безбедноста
Денес Република Македонија според д-р Андонов, се сретнува со многу комплексни извори на загрозување и ризици, како и закани по сопствената безбедност, а пред се по безбедноста на граѓаните.
"Тестирањето на овие ризици и закани и нивната идентификација е возможна единствено преку научно издржани модели и методолошки постапки, а резултатите претставени пред пошироката научна јавност во рамките на научни конференции ќе овозможат дополнување и верификација на сознанијата. Овие сознанија мора да допрат до институциите на системот и истите да бидат имплементирани. Токму тоа е основната задача на науката, да го поддржи развојот на општеството. Секако секоја научна дисциплина во својата област, но и со меѓусебно вкрстување и надополнување, за што можат да придонесат научните конференции, вели д-р Андонов.

Поврзани

Најнови вести

Коментари