logo
logo
logo

Членови на избирачки одбори самите си одлучиле да не ги користат биометриските уреди

Vecer | 17.10.2021

Членови на избирачки одбори самите си одлучиле да не ги користат биометриските уреди

Државната изборна комисија добила информации дека на повеќе избирачки места членовите на избирачките одбори на своја рака престанале да ги користат уредите за биометриска идентификација и гласањето го продолжиле со УВ ламба и спреј. Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК) вели дека иако засега информациите им се неофицијални, апелира да се продолжи со користење на уредите оти во спротивно гласањето може да биде поништено, а членовите на избирачките одбори кои го дозволуваат тоа казнети.

„Тоа се незаконски одлуки на тие лица, треба да продолжат да гласаат со апаратите. Во спротивно, поради измените, гласањето ќе биде поништено, а лицата санкционирани оти е без одлука на ДИК. За да не дојде до ова апелирам да се гласа со користење на уредите. ДИК има донесено решенија да се гласа со УВ ламба и спреј само на шест избирачки места, кои се главно планински со исклучок на Чаир и Ново Село, кои се пристапни. Не знаеме точно кои се местата на кои е дозволено вакво гласање, имама неколку во Скопје, во Кичево и други не знам. Затоа ги предупредувам сите на законската можност за поништување на гласањето“, рече претседателот Даштевски.

Според податоците на ДИК во 98,97 отсто од избирачките места уредите работеле исправно и нема причина да се прекине употребата на биометриските уреди.
„Апелирам до крајот на гласањето да се употребуваат уредите посебно поради тоа што знаеме дека вообичаено пред крај на гласањето има тенденција за обиди за неправилности“, предупреди претседателот Даштевски.

Има посебна процедура за пријава на неисправен уред на гласачките места која предвидува ИТ лицето да ја извести општинската изборна комисија, а таа да ја извести ДИК за да се донесе решение за гласање со УВ ламба и спреј.

ДИК очекува за незаконското гласање да добие и писмено известување, оти засега информациите им биле само усно пријавени.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk