Осум конфискувани станови и куки на почетокот на следниот месец ќе се продаваат на јавно наддавање по електронски пат. Две недвижнини по втор пат одат на лицитација откако еднаш не биле продадени. Поради тоа цените им се намалени за 25 отсто.

Останатите прв пат се огласуваат за продажба. Станува збор за станови и куки во Скопје Куманово и Велес. Конфискувани се со правосилна пресуда во познати предмети од организиран криминал, потврдуваат од Агенцијата за управување со одземен имот. Според огласите највисока почетна цена од 105 илјади евра за лицитација има стан од 111 м2 во општи;а Карпош.

Минатата недела за сите недвижнини имало определено посебен датум и термин за заинтересираните граѓани да можат да ги видат пред да лицитираат. Интересот не бил голем велат од агенцијата. Се претпоставува дека една од причините е тоа што во старт при првата продажба цените се пазарни како и другите станови на продажба. Проценките за почетната цена ги врши бирото за судски вештачења, пренесува Канал5.

Правилата велат дека јавното наддавање нема да се спроведе доколку се појави само еден понудувач. Можат да лицитираат сите граѓани или фирми освен осудениот од кого е конфискуван имотот и вработените во агенцијата. Засега од Агенцијата не откриваат кој се сопствениците од кои се одземени овие куќи и станови и кои се прдмет на лицитација.