Четврта хуманитарна штафетна трка за поддршка на заболените од Вилсонова болест

Здружението на граѓани за поддршка на лица со ретка болест „Вилсон – Македонија“, со финансиска помош од компанијата ОКТА, по четврт пат ја организира хуманитарната штафетна трка „Подај рака 2018“. Трката ќе се одржи на 21 октомври, в недела, на кејот на реката Вардар, а собраните средства од котизацијата од учесниците во трката ќе бидат искористени за одржување караван во повеќе градови низ Македонија, со цел поблиско запознавање на матичните лекари со можните симптоми и начините за рано препознавање на болеста.

Долготрајната цел на здружението е да се подигне свеста за Вилсоновата болест и да се поттикне социјалната вклученост на лицата кои се соочуваат со оваа болест.

Трката ќе биде штафетна и ќе се трчаат 4 пати по еден километар, со што симболично се упатува повик до граѓаните за поддршка на хуманата димензија на оваа спортско-рекреативна активност.

„Симболиката на штафетното трчање е да се покаже дека заеднички можеме да постигнеме повеќе. Симболиката на учеството на лица заболени од Вилсонова и од други ретки болести е да се покаже дека со најголемиот број ретки болести може да се живее нормален живот, рамноправен со сите здрави луѓе, кога дијагностиката и терапијата се навремено аплицирани. Не помалку важни во оваа трка се и лицата кај кои, најчесто како последица на ненавремена детекција, ретките болести оставиле непоправливи последици. Напротив, сакаме да го истакнеме нивното право да не бидат невидливи, туку да бидат рамноправно прифатени и интегрирани во општеството“, вели Маја Алексиевска Димиќ, претседател на Здружението.

Болеста Вилсон предизвикува нарушување во метаболизмот што води до таложење бакар во црниот дроб, мозокот и очите. Таложењето на бакарот се одвива постепено со години, пред појавата на првите симптоми. Затоа раното откривање на болеста е од пресудно значење за лицата кои носат генетска предиспозиција за тоа, но не се свесни дека се носители на болеста. Навремено откривање на болеста и редовна терапија овозможуваат нормален живот за пациентите со Вилсонова болест.

За учество во трката нема старосни ограничувања. Цената за регистрација за штафетната трка изнесува 150 денари по учесник.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари