СЛУЧАЈ "ЛИКВИДАЦИЈА"

Четири и пол години затвор за новинарот Кежаровски

Четворица обвинети остануваат во притвор до правосилност на пресудата

Новинарот Томче Кежаровски е осуден на четири и полгодишна казна затвор откако Судскиот совет со кој претседаваше судијката Дијана Груевска-Илиевска го прогласи виновен за откривање на идентитет на заштитен сведок. Сите осуммина обвинети во случајот "Ликвидација" добија затворски казни кои се движат од една до пет и пол години.

Првообвинетиот, судијата Иле Танев, кој три пати го судеше предметот "Ораше" за на крајот да донесе ослободителна пресуда, доби вкупна затворска казна од две и пол години за примање поткуп и злоупотреба на службената положба и овластување. Второобвинетиот Сабедин Џини Хофман е осуден на една и пол година затвор за примање поткуп, поранешниот истражен судија Валентин Зафиров на пет и пол години затвор за противзаконито посредување и за неовластено оддавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите кои се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица, Ивица Ефремов доби четири и полгодишна затворска казна за противзаконско посредување, злоупотреба на службената положба и овластување и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материјали, пензионираниот врховен судија Борис Николовски беше осуден на една година затвор, исто како и Сашко Лазаров, додека Јане Павловски - Тица беше осуден на едно и полгодишна затворска казна.

Кежаровски, потресен од пресудата, не можеше да ги задржи солзите исто како и неговата сопруга.

Тој, тешко говорејќи од стресот, побара од судијата Илиевска да биде на слобода до правосилноста на пресудата.
- Условите во притвор се ужасни. Не можам таму. Нема да бегам, рече Кежаровски.
Бранителите на сите обвинети побараа нивните клиенти да бидат на слобода до правосилноста на пресудата, но судијата Илиевска тоа им го одобри на четворица чии казни се една, односно една и пол година затвор.

Адвокатите на Зафиров и Кежаровски не дадоа изјави за медиумите, исто како и обвинителот во случајот.

Според бранителот на Ефремов, казните се високи, а за прекршок е изречена затворска казна.
Според обвинителниот акт Кежаровски се товареше дека во 2008 година го објавил идентитетот на заштитениот сведок "Бреза" во случајот "Ораше" во магазинот "Репортер" каде бил уредник.
Иако повеќето адвокати не дадоа изјави, јасно е дека тие ќе ја обжалат пресудата на Апелација.
Осумтемина обвинети беа уапсени на 28 мај од кога и се наоѓаат во притвор.


МАН и ЗНМ огорчени од пресудата за Кежаровски
Двете новинарски здруженија Македонска асоцијација на новинари (МАН) и Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ) реагираа на висината на казната на Кежаровски за која сметаат дека е неправедна и строга.

Според МАН, казните укажуваат дека сторителите и изворот на информации околу заштитениот сведок се помалку виновни од самиот новинар.
- Пресудата за новинарот Томислав Кежаровски е неочекувано строга, особено во споредба со другите изречени казни. Оттука произлегува дека сторителите на делото и изворот на информациите за заштитениот сведок се безмалку невини во однос на новинарот кој го објавил идентитетот, стои во соопштението на МАН.

Од ЗНМ велат дека се шокирани од судската пресуда.
- ЗНМ смета дека оваа одлука не го осуди само новинарот Кежаровски, туку е вперена против слободата на изразувањето и слободата на медиумите. Со тоа Македонија стана единствена земја во Југоисточна Европа со осуден новинар со казна затвор заради напишан текст за злоупотреба на институцијата заштитен сведок, велат од ЗНМ
Со своја реакција се јави и ОБСЕ исто така негодувајќи за пресудата.


Случајот "Ореше" повторно во Апелација!
Додека судијата ги читаше пресудите за случајот "Ликвидација" во Апелацискиот суд се одржуваше јавна расправа по жалбата на Обвинителството во случајот "Ореше" каде им се судеше на Ѓоре Петровски и на браќата Ордан и Љупчо Ѓеоргиевски за убиството на Лазар Милошевски во 2007 година.

Овој случај имаше дури три пресуди, од кои две паѓаа на Апелација, а последната која ја изрече судијата Илија Танев, кој доби затворска казна во "Ликвидација", беше ослободителна.
Според обвинителството пресудата била нелогична, нејасна и контрадикторна.
Од друга страна, пак, адвокатот на браќата Ѓеоргиевски, смета дека обвинителството нема никакви докази.
- Неверојатно е. Упорно обвинителството продолжува да го прави обвинението бајка. Дајте докази. Имаме платено убиство за кое е предвидена и доживотна казна затвор., нема проток на пари, нема оружје, нема контакти меѓу нарачателот и другите обвинети. Нема докази. Се држат до шаржер и заштитен сведок. Обвинителството и понатаму упорно настојува судот да му го докажува обвинението наместо да се фатат за работа и да најдат докази ако има или да се повлечат, изјави адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.

Ордан Ѓеоргиевски, пак беше револтиран од барањето на обвинителството да му се верува на сведокот Вељо Арсовски, кој според него е ноторен криминалец.
- Видете дека тој самиот изјавува во истрага дека продава "калашникови" и пиштоли. Постапка против него нема никаква. Тоа е сведокот поради кого минав триесет месеци во притвор. Не сум виновен, револтирано изјави тој.

Пресудата за Кежаровски тема и на собраниската седница
Собраниската седница во понеделникот на два пати беше прекината поради барање на опозициските пратеници за пауза од по еден час.
Пратеничката група на НСДП вчера побара еден час пауза на собраниската седница во знак на протест поради судската одлука од 4,5 години затвор за новинарот Томислав Кежаровски.
Координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева на почетокот на второто продолжението на седницата реагираше на барањето на нејзиниот колега Горан Мисовски од НСДП и ги повика пратениците да не ја злоупотребуваат говорницата.
"Би сакала да ги повикам сите пратеници без разлика дали се од опозицијата или од мнозинството да не ја злоупотребуваат говорницата за да се блокира работата на Парламентот со една единствена цел да се меша законодавната со независната судска власт и одлуките што таа ги носи. Со тоа се руши една од основните темелни вредности на Уставот на Република Македонија" - рече Бонева.
Според опозициската СДСМ, оваа пресуда има сериозна последица врз слободата на изразување. (Ј.Ц.)






Поврзани

Најнови вести

Коментари