Ченто: Немам намера да го оставам мојот син и да избегам, ве молам укинете ми го притворот

Имам солидна материјална состојба, имам работен однос, ретко ги напуштам границите на Република Македонија, немам друг пасош. Немам прекршочна или кривична пријава и немам намера да бегам. Гаранцијата која ја давам денеска е ништо во однос на онаа гаранција која ја давам со мојот син, немам намера да го оставам него и да избегам како кукавица. Невин човек не бега. Дома бев 30 дена, ако сакав да бегам ќе избегав тогаш. Затоа ве замолувам да ми го укинете притворот, рече Јане Ченто на денешната седница на Апелациониот суд на која бара да биде ослободен од притвор и да се брани од слобода.

„Барам да ја исправите неправдата со која ме испратија во Шутка. Таму условите се под секое човечко ниво“, рече Ченто.

Тој истакна дека е совесен човек и нема да ги остави седумте фамилии кои со гаранција од 526.370 денари пресметани во недвижен имот гарантираат дека нема да се впушти во бегство.

Ченто додаде дека судот претходно одобрил барање за укинување на мерката притвор од обвинети за истиот случај, мислејќи на пратениците, со помала парична гаранција, па очекува Судечкиот совет да го одобри барањето за ослободување од притвор.

Адвокатот на Ченто, Дончо Наков, изјави дека одлуката на Кривичниот суд со која е одбиено барањето за укинување на притворот на Ченто е лицемерна.

„Сте прифатиле многу пониски гаранции за обвинети во истиот случај и ја поздравувам оваа пракса. Би ве замолил да ја погледнете хронологијата на притворот, да ги видите документите од надлежните установи кои ќе ви потврдат дека замената од куќен притвор во притвор не се поткрепени со закон. Ќе ви потврдат дека кај овој обвинет нема намера за бегство“, рече Наков.

Кривичниот совет на скопска единица претходно му го одби барањето за укинување на притворот на Јане Ченто, претседателот на македонското патриотско здружение „Пере Тошев”. Седницата во скопска Апелација е по барање на Ченто.

Ченто е еден од 33 обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, заедно со Митко Чавков, петтемина пратеници од Собранието и организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“.

Јавна седница во Апелациониот суд се одржа и за жалбата за ослободување од куќен притвор за Богдан Илиевски и Владо Јовановски, исто така обвинети за случувањата од 27 април. Седницата се одржа без присуство на двајцата обвинети.

Виктор Јованов

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари