logo
logo
logo

Царовска: Преку програмата „Хоризонт Европа“ до враќање на истражувачката енергија во државата

Vecer | 08.06.2021

Царовска: Преку програмата „Хоризонт Европа“ до враќање на истражувачката енергија во државата


Истражувачките центри, универзитетите, бизнис-заедницата и граѓанските организации во следниот седумгодишен период преку програмата „Хоризонт Европа“ можат да влезат во големото европско истражувачко семејство. Република Северна Македонија го продолжува учеството во оваа европска програма за истражување и развој со статус на асоцијативна земја членка.

„Навистина треба да ни е чест што сме дел од програмата ‘Хоризонт Европа’, не само поради можноста да искористиме финансиски средства, туку затоа што добиваме можност да учиме од многу развиени земји коишто вложуваат во наука и ги гледаат бенефитите од таквите инвестиции“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на првиот работен состанок и промоција на националната мрежа за поддршка.

Царовска нагласи дека на можностите што ги нуди „Хоризонт Европа“ треба да се гледа како на импулс за личен ангажман за враќање на истражувачката енергија во државата.

„Оваа Влада и Министерство за образование и наука имаат за цел да инвестираат во наука, затоа што само така можеме да фатиме чекор, прво со регионот, а потоа и со Европа. Вложувањето во наука треба да биде системско. Наша заложба е инвестициите во наука постојано да ги зголемуваме“, рече министерката.

Министерството за образование и наука има логистичка улога во промоција на истражувачката програма, со цел да се привлече вниманието на што повеќе поединци и ентитети кои ќе конкурираат за финансирање на своите проекти. Ова е најамбициозната европска програма, со буџет од 100 милијарди евра, во чија основа се зелената економија, дигитализацијата и конкурентната и иновативна економија.

МОН на посебни инфо-денови ќе информира за повиците за финансирање во рамки на „Хоризонт Европа“.


makfax.com.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk