Образованието е клучен столб во градењето на општество кое се темели на граѓанските вредности, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на панел дискусијата на тема „Недискриминација и мултикултурализам во училиштата“ во организација на Цивил.

Според Царовска, новата Концепција за основно образование која ќе се имплементира во следните 5-6 години за првпат ги поставува инклузивноста, родовата рамноправност и интеркултурноста како клучни принципи кои директно се поврзани со националните стандарди за образование. На овој начин како што рече таа го јакнеме мултикултурализмот, почитувањето на различностите и создавањето на едно општество за сите.

„Сите бевме сведоци дека со години се објавуваа дискриминирачки содржини во учебници. Денеска водиме дебата за тоа каква форма на учебници треба да имаме, притоа зборувајќи за законско решение кое експлицитно преку повеќе филтри превенира влез на вакви содржини во учебниците и воопшто во дидактичките материјали“, рече Царовска.

Министерката информираше дека веќе 2 учебника кои имаат дискриминаторна содржина се повлечени од употреба и дека тоа е покажување на системска волја нешто да се смени. Согласно новата Концепција за основно образование, како ќе се изработуваат новите наставни програми, така ќе се отпочнуваат и постапки за изработка на нови учебници, информира Царовска.

„Не е дозволиво да се носат закони за дискриминиција и инклузивност, а во реалноста има дискриминаторни содржини во училиштата, содржини кои навредуваат и директно да се создава атмосфера на незадоволство“, рече Царовска, потенцирајќи дека работите интензивно почнуваат да се менуваат.

makfax.com.mk