Министерката за образование и наука Мила Царовска денес како дел од отворените денови на кампањата “Учи паметно, работи стручно“ ги посети двете средни стручни училишта „Коле Неделковски“ и „Димитрија Чуповски“ во Велес каде од септември се отвораат нови паралелки со струки барани од компаниите.

На штандови поставени во училишните дворови полуматурантите имаа можност да се информираат за придобивките и можностите кои ги нуди средното стручно образование.

“Среќна сум што има голем интерес кај деветтодделенците да дознаат повеќе за средното стручно образование и што имав можност да разговарам со нив кои се нивните афинитети. Овде во Велес и тоа како е потребен кадар од областа на машинството, електротехниката, хемиско-технолошката, угостителско – туристичката струка и секако здравствената струка“, изјави Царовска.

Таа нагласи дека министерството за образование и наука од идната учебна година воведува стипендии од 3500 денари месечно за учениците од дуалните паралелки, но сепак најголем мотив треба да им биде можноста за брз и успешен настап на пазарот на трудот по формализација на образованието.

“До уписите во средно преостанува нешто повеќе од 1 месец, доволно време за полуматурантите добро да размислат и да донесат вистинска одлука според личните афинитети и состојбата на пазарот на трудот”, рече Царовска.

Во двете средни стручни училишта во Велес е планирано да се запишат вкупно 508 ученици во прва година. Од нив 322 ученици во 10 паралелки со настава на македонски јазик се во СОУ “Коле Неделковски“, а останатите 186 во 6 паралелки на македонски јазик во СОУ “Димитрија Чуповски“.

makfax.com.mk