Профилите кои ќе се изучуваат во средното стручно образование ги прилагодуваме на потребите на реалниот сектор, со што го осовременуваме образованието, рече министерката за образование Мила Царовска во Крива Паланка каде денеска продолжија средбите со компаниите, средните училишта и претставници од локалните самоуправи.

„Целта на овие средби е заеднички да ги идентификуваме профилите кои ќе се отворат во средните стручни училишта уште од идната учебна година, според потребите на реалниот сектор”, нагласи министерката додавајќи дека истовремено се менуваат и политиките за стипендирање на учениците од техничките струки, за да се поттикне изборот токму на оние профили кои ќе им овозможат поголема вработливост на младите.

Царовска истакна дека со средбите се постигнува успешна соработка помеѓу компаниите и стручните училишта.

„Како резултат на овие консултации некаде ќе се отворат дуални паралелки, а некаде ќе се интензивира феријалната пракса со присуство на учениците во самите компании“, објасни министерката.

На средбата присуствуваа претставници од реалниот сектор од Крива Паланка и Кратово, директори од средните стручни училишта од овие два града и градоначалниците на Крива Паланка и Кратово Борјанчо Мицевски и Љупчо Бојаџиев.

makfax.com.mk